25 години Охридски рамковен договор: испратени пораки за дијалог и заедничка иднина

25 години Охридски рамковен договор: испратени пораки за дијалог и заедничка иднина

пред 8 часа

Со свечена седница во Владата денеска беше одбележана 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, при што претставници на Владата порачаа дека договорот е историско достигнување, но и обврска за градење стабилна, еднаква и просперитетна држава.

Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оцени дека договорот го ставил крајот на конфликтот од 2001 година и воспоставил нов пристап во функционирањето на државата, заснован на партнерство меѓу заедниците, граѓанска еднаквост и правична застапеност.

„Демократијата не се мери само преку слободни избори, туку и преку способноста на институциите да гарантираат инклузивност, правична застапеност, дијалог и доверба меѓу граѓаните“, истакна Сали.

Тој порача дека Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како историски документ, туку и како дел од уставниот поредок и политичка насока за институциите. Во таа насока, тој ја спомена и иницијативата на Владата за Законот за правична и соодветна застапеност, предложен за усвојување во Собранието.
Според него, стабилноста се гради преку дијалог, комуникација, компромис и почитување на договорите.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, порача дека договорот не е само документ од минатото, туку „институционална одговорност и стандард што треба да продолжиме да го градиме секој ден“.

Шасивари нагласи дека еднаквоста и правдата мора да бидат дел од секојдневното функционирање на државата и од довербата на граѓаните во институциите.

„Иднината на земјата се гради врз почитувањето, еднаквоста, владеењето на правото и достоинството на секој граѓанин“, порача министерот.

Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, оцени дека пред 25 години Македонија била на прагот на една од најтешките кризи во поновата историја, но наместо патот на поделбите го избрала патот на договорот, компромисот, дијалогот и политичката зрелост.

Николоски посочи дека во годините по потпишувањето имало политички структури кои, како што рече, го злоупотребувале договорот за лични интереси и за поттикнување етнички тензии и лажен национализам.

Тој нагласи дека денес фокусот треба да биде на економскиот развој и подобрувањето на животот на граѓаните, посочувајќи ги инвестициите во инфраструктурата, здравството и образованието.

„Рамковниот договор е едно поглавје од нашата историја коешто сведочи дека научивме да живееме заедно, но во исто време е и обврска да им оставиме на идните генерации една поправедна, обединета и просперитетна држава“, порача Николоски.

Тој додаде дека идните генерации треба да растат во држава во која наместо да се грижат за конфликти и поделби, ќе размислуваат за образованието, успехот и својата иднина.

Текстот 25 години Охридски рамковен договор: испратени пораки за дијалог и заедничка иднина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top