Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 16.08.2021 до 07.00 часот денеска (17.08.2021) во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Северна Македонија, од страна на МВР беа ангажирани 533 полициски службеници, реализирани 217 мото-патроли и користени 145 моторни возила. На терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата.
Во периодот од 03.08.2021 до 15.08.2021, во координација со Јавен обвинител се приведени/лишени од слобода 24 лица, уште 18 се повикани во станица на разговор, поради постоење основи на сомнение дека подметнале или предизвикале пожари. Поднесени се две кривични пријави против две лица по член 288 (предизвикување на општа опасност), и тоа од ОВР Прилеп и СВР Струмица, две кривични пријави против 3 лица по член 227 (предизвикување на шумски пожар), и двете од ОВР Дебар.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.