Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјавата после средбата која ја оствари заедно со градоначалникот на Прилеп, со Регионалната стопанска комора, одговарајќи на прашање за тоа дали ќе подржи евентуален договор кој би го потпишал Заев со Бугарија, рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да почитува едностран договор на штета на македонскиот народ, потпишан од влада којашто е без кредибилитет.
„Информациите кои што ги добиваме се навистина алармантни. Зоран Заев во заминување е подготвен да потпише нов договор, иако нè убедуваше дека ги решил сите прашања со нашите соседи, во кој делумно или целосно ќе ја прифати резолуцијата освоена од бугарскиот Парламент. Тоа преставува комплетно асимилирање на македонскиот народ и директен удар врз идентитетот на македонскиот народ. Бидејќи е во заминување, загрижен сум дека може да го направи овој потег на самото заминување, а последиците понатаму сите ние да ги плаќаме“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара со секого за сè она што нуди прогрес и иднина и дека нема да прифаќа никакви уцени.
„Подготвени сме со секого да разговараме за тоа што е пред нас, а не за тоа што е позади нас. Да разговараме за добро образование, да разговараме за туризам, да разговараме за инфраструктурно поврзување, да разговараме за сето она што нуди прогрес и нуди иднина. Да не се враќаме во минатото затоа што тоа се теми коишто се болни на Балканот и нема да прифатиме никакви уцени и ќе ги повикаме нашите пријатели во Брисел да нè подржат бидејќи ние сме луѓе коишто сакаат да споделуваат европски вредности за иднината, а не за минатото“, додаде Мицкоски.