Oбраќање на Пендаровски по повод Светскиот ден на ромскиот јазик

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски по повод  Светски ден на ромскиот јазик, денеска учествуваше и се обрати на виртуелната средба „5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, потреба од институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик”.

На средбата претседателот Пендаровски упати честитка до ромската заедница во Северна Македонија по повод 5 Ноември, порачувајќи дека чувањето на мајчиниот јазик претставува обврска и значајна ризница за постоењето, културата и традицијата на секој народ.

Оттука, претседателот Пендаровски го истакна значењето од институционална поддршка за изучување, употреба и негување на ромскиот јазик, што истовремено е придонес во јакнење на мултиетничкото општество на Северна Македонија.

„Вашите напори како наставници и професионалци кои придонесувате кон афирмацијата на ромскиот јазик во образованието се клучни за обезбедувањето  праведен пристап до образование за сите ученици без исклучок. Ние политичарите имаме обврска да ве ислушаме и заедно со вас да предлагаме соодветни политики”, рече во обраќањето Пендаровски.

Во оваа насока, претседателот искажа јасна поддршка на заложбите на наставниците и сите други чинители од ромската заедница, ромскиот јазик да биде задолжителен почнувајќи од прво одделение, ромската култура да биде факултативен предмет и за децата коишто не се Роми, како и поддршка за возобновување на катедрата за ромски јазик.

Во духот на мултикултурализмот, сите заедници кои живеат во Северна Македонија потребно е да имаат простор за изразување и творење на својот мајчин јазик, посочи Пендаровски. Притоа, унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови, е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик.

Пред учесниците на средбата, претседателот порача дека водејќи се, и почитувајќи го принципот на недискриминација, еднаквост и владеење на правото, секој припадник на ромската заедница треба да ужива еднакви можности и права, како предуслов за достоинствен живот. Во таа насока, нашата земја и натаму, преку суштински заложби ќе придонесува во унапредувањето на квалитетот на животот на Ромите.

Share
Scroll to Top