Oпозицијата и власта со меѓусебни обвинувања: Едните бараат оставка на Заев, другите на Мицкоски

пред 2 години

Не стивнуваат партиските реакции по настаните во Собранието во четвртокот, кога опозицијата не успеа да обезбеди мнозинство за изгласување на недоверба на Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ утрово порачаа дека премиерот Зоран Заев треба да си даде оставка, бидејќи неговата партија изгуби на локалните избори со над 100.000 гласови разлика, а Владата е делегитимирана.

„Тој мораше да киднапира пратеник за да може да остане да владее и да краде. Со такви методи на присила не се исклучува можноста тој и да го зголеми мнозинството за пратеник или два, но сето тоа кратко ќе трае, затоа што народот е за промени, и револтот кај граѓаните кон Заев и неговите насилнички методи е се поголем. Заев е политичарот поради кој сме на 111 место на Транспаренси, на врвот на листата во Европа по бројот на починати од КОВИД на еден милион жители. Заев е виновен затоа што земјата е ословена како хибриден режим, за 215 пасоши издадени на белосветски криминалци, за шверцот со дрога во која беше фатен возач на член на неговото семејство“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, утрово порача дека опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски е тој којшто треба да поднесе оставка од претседател на партијата бидејќи лажел дека има парламентарно мнозинство. Според нив, Мицкоски треба да понесе одговорност за својот политички дебакл. Слепо воден од желба за власт по секоја цена, велат од СДСМ, Мицкоски седна на маса со оние коишто се против НАТО, против ЕУ, против Преспа, против добрососедските односи, против Рамковниот договор.

„Се покажа дека со измами, со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство, се потврди, дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност. Не му успеа на Мицкоски тоа што го посакуваше: дестабилизација, криза, враќање назад, рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата.“, наведе СДСМ преку соопштение.

 

Share
Scroll to Top