Антонио Аргир унапреден на нова менаџерска позиција во НЛБ Групацијата

пред 3 години

Надзорниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје на денешната 98. седница назначи и потврди промени во раководството на Банката. По шестгодишно успешно управување со Банката, актуелниот Претседател на Управниот одбор, Антонио Аргир, е унапреден на нова позиција во седиштето на НЛБ д.д. Љубљана, како Извршен помошник на Управниот одбор на НЛБ д.д., одговорен за управување со НЛБ Групацијата. Надзорниот одбор го именуваше Бранко Грегановиќ за нов Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, во очекување на потребните одобренија.

Антонио Аргир, функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје ќе ја извршува до крајот на годината, а новата функција ќе ја преземе во јануари 2022 година. На новата позиција тој ќе биде одговорен за управување со банките членки на НЛБ Групацијата и други небанкарски членки, поддржувајќи ги сите клучни активности на Групацијата во регионот.

Како што беше споменато, Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје го номинираше Бранко Грегановиќ, поранешен Главен извршен директор и Главен финансиски директор на НЛБ Банка Белград за нов Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Функцијата ќе ја преземе откако ќе ги добие сите потребни дозволи од надлежните институции и лиценцата од Народната банка на Република Северна Македонија. Дотогаш, Грегановиќ ќе ја извршува функцијата помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

„Промовирањето на Антонио Аргир на една од клучните, водечки позиции во НЛБ Групацијата и доаѓањето на Бранко Грегановиќ на чело на НЛБ Банка Скопје се дел од нашата стратешка определба за поттикнување мобилност на таленти и интернационализација на тимовите, како еден од најефективните начини за ширење на експертиза, знаење и најдобри практики низ Групацијата. Веруваме дека овие промени дополнително ќе го подобрат разбирањето и соработката меѓу членките на Групацијата и ќе го поддржат понатамошниот раст и развој на нашиот бизнис низ целиот регион“, истакнува Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ и Претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје. „Исто така важно е да се спомене дека ова е прв пат во историјата на НЛБ Групацијата, колега од една од банките членки, да го трасира својот пат од кредитен референт до една од највисоките менаџерски позиции во Групацијата, што не е само признание за високо професионалната работа на Антонио Аргир, туку и за успехот на НЛБ Банка Скопје. Верувам дека неговото назначување е поттик и мотивација за сите колеги од нашата Групација и доказ дека со целосна посветеност и испорачани резултати сè е можно“ – додава тој.

Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ и Претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје

„Добивањето на функција во врвот на НЛБ Групацијата за мене претставува навистина голема чест и задоволство, но воедно и огромен предизвик и одговорност. Уверен сум дека со новата функција ќе имам позитивно влијание на ниво на целата Групација и можност да дадам силен придонес во реализација на нејзините стратешки цели. Ова е уште еден пример колку е вредно да се работи во Групација во која се цени човечкиот потенцијал и каде секој има можност да напредува по скалилата на успехот. Новата функција на која ќе ја продолжам кариерата е исклучително признание за целокупниот успех на НЛБ Банка Скопје кој го градевме тимски, со поддршка и посветеност на сите поранешни и сегашни вработени, на кои сум им неизмерно благодарен. НЛБ Банка Скопје денес е уште посилна и поуспешна банка, стабилна финансиска институција со огромен потенцијал за иден раст и развој, банка со исклучително квалитетен тим, талентирани и посветени професионалци и банка која заслужено го носи епитетот – Најдобра банка во целата Групација. Познавајќи го целиот тим и огромниот потенцијал на Банката, уверен сум дека НЛБ Банка Скопје ќе продолжи да расте и да остварува уште поголеми резултати во иднина, како и да вложува во области кои се значајни за развојот на заедницата“, истакнува актуелниот Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Антонио Аргир.

Антонио Аргир е Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје речиси 6 години, започнувајќи од 1 јануари 2016 година. На таа позиција дојде како член на Управниот одбор на Банката и долгогодишен Директор на нејзината продажна мрежа.

Во овој период од шест години, под раководство на Аргир, НЛБ Банка Скопје континуирано постигнува одлични резултати во сите сегменти од работењето. Благодарение на јасната визија, прецизната пазарна стратегија, посветеноста на клиентите и мотивацијата на вработените, НЛБ Банка Скопје го зголеми своето пазарно учество, со што дополнително ја зацврсти својата позиција како една од водечките банкарски институции во земјата. Успешното работење на НЛБ Банка Скопје се потврдува и оваа година, кога Банката, заклучно со 30.09.2021, оствари нето добивка од 27,5 милиони евра и раст на кредитите на клиентите од 7% споредено со истиот период минатата година.

Во периодот од 2016, заклучно со 30-ти септември 2021 година, НЛБ Банка Скопје има остварено добивка од речиси 180 милиони евра, а вредноста на акцијата на македонската берза се зголеми за 5 пати. Клиентската база е зголемена за повеќе од 180.000 клиенти и денес истата надминува 813.000 физички и правни лица. Остварен е исклучителен раст на вкупното кредитно портфолио од речиси 70% или околу 280 милиони евра, при што Банката претставува лидер во растот на кредитирање на населението. Истовремено, НЛБ Банка Скопје се јавува во улога на клучен носител или учесник во сите поголеми инвестициски проекти и синдицирани заеми во државата, со што ја потврдува својата позиција на стратешки партнер на бизнисот и важна алка во развојот на македонската економија.

Како лидер во дигитализацијата и иновациите во банкарството, НЛБ Банка Скопје прва на пазарот воведе низа дигитални услуги како: мобилен паричник – NLB Pay, првиот и единствен дигитален банкарски асистент – Нела, првиот и единствен мобилен кредит. Од неодамна, таа е и првата институција во земјата која има интегрирано електронски идентитет во своето работење.

Секоја година во мандатот на Аргир, НЛБ Банка Скопје го понесува признанието ЕМЕА за „Најдобра банка“ во земјата, и продолжи да биде наградувана од реномираниот финансиски магазин „The Banker“ со престижната награда „Банка на годината“, која ја има добиено 10 пати.

Кој е идниот извршен директор на НЛБ Банка Скопје?

Успешното работење на НЛБ Банка Скопје ќе го продолжи ново-именуваниот Претседател на Управниот одбор Бранко Грегановиќ, кој по добивање на потребните одобренија, ќе ги преземе функциите на Главен извршен директор и Главен маркетинг директор.

Бранко Грегановиќ, претседател на Управниот одбор

Грегановиќ, поранешен Главен извршен директор и Главен финансиски директор на НЛБ Банка Белград има повеќе од 20 години искуство на високи позиции во банкарскиот и реалниот сектор. За време на неговите седум години на чело на НЛБ Банка Белград, банката обезбеди профитабилно работење и забрзан раст од 15% до 20% годишно. Така, Банката го отвори патот за преземање на една од водечките банки на српскиот пазар, Комерцијална банка, од страна на НЛБ д.д., во декември 2020 година. По аквизицијата, банките во НЛБ Групацијата имаат една од првите топ-три и системски важни позиции на сите пазари на кои работи Групацијата.

(ПР)

Share
Scroll to Top