Премиерот Христијан Мицкокси е согласен Обвинителството да отвори истрага за „Алта банка“, како што бара опозицијата. Тој вели дека сопственикот на банката ги исполнил сите услови што се барале од него за да почне да работи кај нас.
„ Апсолутно јас се согласувам Обвинителството поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага, тоа е прво. И второ, ние како Влада, секој оној кој што ги исполнува сите законски услови, кој што ги исполнува правилата на работа, а впрочем истиот тој Мацура претходно се стекнал со право да работи и на територијата на Австрија, бидејќи австрискиот регулатор му дозволил да стане сопственик на дел од акциите во Адико банка. Исто така, истиот тој Мацура му било дозволено да влезе во трговски, деловни односи со Рајфајзен банката, една од поголемите финансиски институции во регионот, само покажува дека тоа што го зборуваат од опозицијата претставува политичка естрада и фолклор. Јас ќе го третирам само во таа категорија, дека е политичка естрада и фолклор. Тука тој ги исполнил сите услови, сите критериуми ги испочитувал и се стекнал со правото да работи на македонскиот пазар“, рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, на отворањето на новиот производен капацитет на компанијата „АСП – ПАК“ ДООЕЛ.
Владата не може да бира кој да работи, а кој да не работи во земјава, рече премиерот и нагласи дека со реципрочни мерки лошо им се пишува и на економијата и на политичките односи со државата.
„ Ако од опозициската СДСМ бирале во минатото кој може да работи и како да работи, ако само неколку фирми кои што биле блиски до нив и до семејството тогашно, знаете кое, можело да работи, ние тоа не го правиме, бидејќи секој оној кој што работи на слободна, пазарна, демократска и би рекол трговска основа може да работи тука. Замислете ако на тој начин размислуваат сега кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат, еве ‘Алкалоид’ да не продава лекови во Србија, ‘АСП’ пак да не продава мрежи во Србија, ‘Витаминка’ да не продава кондиторски производи во Србија, ‘Стокомак’ да не продава и да не формира свој ланци за продажба таму и така натаму. Ако ние влеземе во вакви односи на билатерална основа со државите, тогаш мислам дека лошо се пишува и на економијата, но и на генерално политичките односи во една држава“, рече премиерот Мицкоски.
Изминативе денови бил лично фокусиран на предметот за „Алта банка“ и кажа дека денеска е голем оптимист дека ќе има финансиска институција заинтересирана да ја купи и да ја спаси.
СДСМ побара Јавното обвинителство веднаш да ги испита околностите под кои „Алта банка“ влегла на македонскиот пазар, улогата на премиерот Христијан Мицкоски и постапувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и се закани со кривични пријави доколку надлежните не постапат.
Текстот Апсолутно се согласувам Обвинителството да отвори истрага за „Алта банка“, истиот Мацура се стекнал со право за работа и во Австрија, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.





