Бесплатна полуматурска забава за деветтоодделенците од Општина Кисела Вода

Бесплатна полуматурска забава за деветтоодделенците од Општина Кисела Вода

пред 4 часа

Под мотото „Спремни за средно!“, оваа среда деветтоодделенците од Општина Кисела Вода ќе имаат своја голема и бесплатна полуматурска забава.

Настанот е во организација на Општина Кисела Вода, овозможувајќи им на сите 560 ученици кои го завршуваат основното образование заеднички да го прослават крајот на деветте изминати училишни години. Забавата ќе се одржи на 10 јуни со почеток во 20 часот во спортската сала „Независна Македонија“ при основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ и ќе трае до 23 часот и 30 минути. За одличната атмосфера ќе се погрижат популарното дуо 2Bona и диџеј Марио Трампет, а ќе има настапи и од самите ученици.

Ова е втора година како се одржува ваква бесплатна полуматурска прослава за деветтоодделенците од Кисела Вода. Годинешниот концепт за прославата произлезе директно од самите ученици. Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска претходно оствари средба со претставниците на полуматурантите од сите основни училишта за да ги сослуша нивните идеи и желби, со цел настанот да биде осмислен исклучиво преку нивната призма и реализиран според нивните замисли.

-Општина Кисела Вода ги третира младите како сериозни соговорници чие мислење мора да се вреднува. Сакав да ги слушнам директно нив, нивните очекувања, идеите и креативноста што ја носат. Овие млади луѓе покажаа извонредна зрелост во предлозите за тоа како да ја одбележат својата полуматура. Нашата задача како институција е да им дадеме простор да одлучуваат за прашањата што ги засегаат и да овозможиме нивните визии за заедничка прослава да станат реалност. Се надевам дека одлично ќе си поминат во среда и дека од ова дружење ќе понесат најубави спомени кои ќе ги паметат долго, пред да зачекорат во новите предизвици од средношколските денови- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Текстот Бесплатна полуматурска забава за деветтоодделенците од Општина Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top