Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја одржа првата работна средба со новоименуваниот в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски, со кого разговараа за политиките на Владата за привлекување на нови реномирани странски и домашни компании да инвестираат во зоните, изградбата и уредувањето на самите зони, како и за унапредување на условите за воедење бизнис и подигнување на конкурентноста на компаниите.
Вицепремиерот Битиќи, му честиташе на Деспотовски за новата работна позиција, пришто му порача и на ова работно место да ги постигне истите успеси кои ги имаше како директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој посочи дека очекува максимален ангажман и посветеност од Деспотовски, како и активно учество во креирање на што е можно подобри услови за работа на компаниите во зоните, односно да се продолжи со уредувањето на веќе оформените зони, да се завршат сите започнати инфраструктурни проекти, но и да се работи на привлекување на високо технолошки компании кои во земјата би донеле нови технологии, знаења и вештини и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност.
Вицепремиерот посочи дека треба да се одржува интензивна комуникација и со компаниите кои веќе функционираат во рамките на ТИР зоните, а за оние компании кои ги започнаа инвестициските проекти и се во фаза на градба на производствените капацитети, максимално можно да се излезе во пресрет на нивни барања во случај да се соочат со одредени предизвици во реализацијата на инвестициите.
Привлекување на инвестиции со повисока додадена вредност во Северна Македонија ќе биде еден од четирите основни столбови на работење на Дирекцијата во следните 4 години. Ова треба да се оствари и со разгледување на измени во политиките за привлекување на инвестиции, а кои ќе се базираат на анализа што Дирекцијата ќе ја направи во следните неколку месеци.
Дополнително, зголемување на платите на работниците ангажирани во големите капацитети во ТИРЗ, како и поголем влез на домашни компании во глобалните вредносните ланци ќе се стимулира со нови програми за финансиска поддршка, што ќе се иницираат наскоро. Поттикнувањето на развој на зелена и циркуларна економија и влез на приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите се посебен сегмент на работната програма, презентираше дел од програмата за работа, директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Деспотовски истакнаа дека ќе имаат исклучително блиска соработка, во насока на искористување на инвестициските потенцијали на земјата, за привлекување на нови реномирани компании и отворање на нови подобро платени работни места за граѓаните.