Бугарската министерка Комитова: Патот „Струма“ има недостатоци, но тие не се причина за пожарот во автобусот

пред 3 години

Заштитната ограда во која удри автобусот е според стандардите кои важеле во 2002 година, кога се реконструирал патот, а денеска авто-магистрала „Струма“.

Во 2021 година има нови норми за поставување на заштитната ограда, но тие важат за тие кои ќе се градат од 2021 година, па наредните години. Ова го образложи министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова која додаде дека единствената промена на патот е во знаците, меѓу кои е и оној за брзината која била ограничена на 90 километри на час, а потоа зголемена на 120 километри на час.

Заштитната ограда која патот го одделуваше од местото за одмор, ќе остане. Но, според бугарските власти, таа ќе биде подобро означена.

Министерката и нејзините колеги кои правеа проверка на автомагистралата, сметаат дека ова не е причина за несреќата, иако веднаш предложиле за намалување на брзината во тој дел на патот.

„Во 2002 година бил одобрен проектот. Реализираното е според проектот, разликата е минимална. Тој пат ‘де јуре’ не е автомагистрала, туку пат. Патот не е проектиран за да биде автомагистрала. Не е нормално да се движиме со 140 на пат. Ќе ја намалиме до 90 километри на час. Мора да има ограничување“, вели архитектот, Владо Калинов.

Министерката и архитектите по анализата веќе предложиле и поставување на светлосна сигнализација на сите места каде има места за одмор, заградени со заштитна ограда.

Министерката Комитова вели дека недостатоците во знаците и заштитната ограда не е причина за пожарот во автобусот каде загинаа 45 лица.

„Патот има долга историја. За жал, жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. Автомагистралите не го прави само ширината, има други параметри. Магистралите кои дозволуваат поголема брзина, но има мали завои. Ова е помала категорија на пат. По магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони итн, но овде имаме пожар кој според мене е прва причина за толку загинати, кој не знаеме како настанал“, кажа Комитова.

Таа посочи дека предложиле краткорочни и долгорочни мерки до тамошното Министерство за внатрешни работи.

„Имаме 11 институции за безбедност на патиштата. Не е ова оправдување. Ние се фокусиравме на делот кој ние можеме да го направиме, тоа е да се заврши маркирањето, да се поправи заштитната ограда и да ја намалиме брзината на патот од 120 на 90 километри на час“, додаде Комитова.

Министерката вели дека автобуската трагедија со 45 загинати е вообичаена несреќа, исто како што неколку дена потоа се запалил и друг автобус.

„Ударот е слаб. Нема објаснување зошто автобусот изгорел во толку кратко време. Многу фактори влијаеле на тој случај. Но, заштитната ограда им помогнала и на многумина, ако ја гледаме вината во неа. Некој од вас може да каже дека заштитната ограда е виновна, но ние велиме дека нема едноставен одговор“, вели министерката Комитова.

Share
Scroll to Top