Вајц ја повика Кос да помогне во надминувањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија

Вајц ја повика Кос да помогне во надминувањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија

пред 1 час

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, оценувајќи дека директниот дијалог меѓу двете влади е единствениот начин за излез од застојот.

На денешната седница на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), на која Кос го претстави Пакетот за проширување на ЕУ за 2026 година, Вајц посочи дека билатералните прашања не треба да го попречуваат пристапниот процес.

Како позитивен пример ги наведе Хрватска и Црна Гора, чии премиери разговараат за отворените билатерални прашања и бараат решенија.

„Некои од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат“, рече Вајц.

Тој ја повика Кос да се ангажира дипломатски, посочувајќи дека мотивацијата за разговори меѓу двете страни не е секогаш на највисоко ниво.

Еврокомесарката, пак, повтори дека Европската комисија е подготвена да го отвори првиот преговарачки кластер со Северна Македонија веднаш по исполнувањето на условите, вклучително и уставните измени предвидени со заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.

„Сега тоа зависи од Северна Македонија“, порача Кос.

Во Извештајот на Европската комисија за 2026 година се констатира дека не биле направени обиди за усвојување на уставните измени, кои остануваат услов за понатамошен напредок во евроинтегративниот процес.

Текстот Вајц ја повика Кос да помогне во надминувањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top