Велковски: Преку соодветно вреднување на трудот на вработените ќе ја подигнеме ефикасноста на центрите за социјална работа

Велковски: Преку соодветно вреднување на трудот на вработените ќе ја подигнеме ефикасноста на центрите за социјална работа

пред 9 месеци

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, од денес во редовна обиколка на центрите за социјална работа во државата. Тој ќе разговара со стручните работници во овие институции за да ги слушне проблемите со кои се соочуваат.

„Сметам дека инвестирањето во овие хумани професии е клучот за да имате задоволни корисници во системот на социјална заштита. Луѓето биле заборавени со години, немало систем на вреднување на нивниот труд. Кога владее апатија меѓу вработените, не можете да очекувате од нив да го дадат најдобриот дел од себе во решавањето на проблемите на народот, а проблеми има многу“, изјави Велковски денеска од Тетово.

Министерот затекна и граѓани што чекаа пред вратите на Центарот за социјална работа. Разговараше отворено со нив и најави редовни посети на сите центри за социјална работа во државата со цел изнаоѓање решенија за предизвиците и проблемите во ресорот што тој го покрива во овој период.

„Граѓаните бараат некој да ги слушне. Едноставно, имаат потреба од помош во состојба на немоќ. Ние сме сервис на граѓаните и институциите мораат да бидат достапни и транспарентни. Не смее никој да биде игнориран од системот. Ние постоиме за нив“, рече министерот.

Текстот Велковски: Преку соодветно вреднување на трудот на вработените ќе ја подигнеме ефикасноста на центрите за социјална работа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top