(Видео) Заев-Санчез: Шпанија е силен поддржувач на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ

пред 4 години

На денешната, прва средба на премиерско ниво на шефовите на владите на Северна Македонија и Кралството Шпанија, Зоран Заев и Педро Санчез, изразено е исклучително задоволство од двете страни и средбата е оценета како историска и како нова, важна страница за натамошен развој на двете пријателски земји.

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.

На средбата премиерот на Шпанија, Педро Санчез истакна дека неговата земја е силен поддржувач на Северна Македонија во остварувањето на оваа цел нагласувајќи дека поддржува почеток на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија во исто време.

Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија, нагласи премиерот Санчез на средбата и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги оствари и испорача кон Брисел.

Двајцата премиери оваа прва средба на премиерско ниво ја оценија и како особено значајна за стопанствениците од двете земји и се согласија дека ќе земат уште поголемо учество во поттикнувањето на бизнисмените од двете страни да соработуваат на заеднички инвестициски проекти.

Меѓусебната поддршка меѓу двете земји и двете влади е очекувана бидејќи неопходно е прогресивните сили да се поддржуваат на патот кон просперитетот, нагласија премиерите Санчез и Заев.

Share
Scroll to Top