(Видео) Заев: Со регионално поврзување и ЕУ интеграции до поголеми инвестиции, стандард и економски раст

пред 3 години

Северна Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добро-соседски односи, неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев во своето обраќање на отворањето на Првиот Економски Форум во Скопје.

„ Пораката која на националните и регионалните медиуми се пренесуваше од Делфи Самитот во Атина кој се одржа пред еден месец, ја упатувам и тука од Скопје: „Потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во Европската Унија“. Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднината, а минатото е поука дека поделби и раздори меѓу народите на Балканот не водат никаде.

Тој ги повика инвеститорите, да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија, нагласувајќи дека Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.

„ Дури и во време на пандемија, компаниите во зоните одржуваат стабилен број на вработени, над 14.000 вработени со тренд на зголемување. Во моментов повеќе од 30 компании, сегашни и потенцијални инвеститори, официјално ги изразија своите намери за инвестиции и во тек се преговори, со вкупен обем на инвестиции од над 425 милиони евра и нов план за нови 8.500 работни места. Во следните недели се очекува затворање на најголемиот договор за странски директни инвестиции досега во Северна Македонија, со инвестиција поголема од 100 милиони евра“ рече Заев.

Тој посочи дека следи – прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што претпоставува отстранување на сите постоечки бариери. Второ, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во државата, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност. И потоа следи подобрување и на конкурентната способност на македонската економија, преку структурни промени низ „паметна специјализација“, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации и вклучување во постојните, како и креирање на нови индустриски вредносни вериги.

„ Дополнително, многу важен дел од идната визија за економскиот развој на Северна Македонија е и „зелената агенда“ и трансформација. Зелената агенда е јасен сигнал и чекор напред за поблиска интеграција во политиките на ЕУ во врска со климата и животната средина“ додаде Заев.

Share
Scroll to Top