(Видео) Каевски: Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата

пред 4 години

Подготвени се сите здравствени протоколи и преземени се сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните што се попишуваат, како и на попишувачите. Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата, изјави Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.

Тој кажа дека преку оваа статистичка операција, конечно, по речиси две децении, ќе добиеме точни информации и податоци каде и како правилно да се насочат финансиите и потребните ресурси.

„Врз основа на овие податоци ќе се креираат мерките за одржлив развој, во здравството, образованието, социјалната заштита, животната средина, бизнис секторот и секаде каде што е потребно. Со пописот добиваме точни информации, каде се потребни нови градинки и училишта, каде е потребен стручен кадар за помош за лица со попреченост, каде се потребни нови болници. Со овие информации ќе се креираат ефикасни инвестициски политики, ќе се добијат точни информации за располагање со работна сила и други податоци клучни за развојните политики“, рече Каевски.

Меѓутоа, додаде тој, пописот е и патриотски чин.

„Патриотски е да си ги кажеш корените. А, тоа го овозможува пописот. Во графите за попис стои Македонци, а добиваат можност да се попишат и сите граѓани, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми, Власи…“, рече Каевски.

Според него, придобивките од пописот се огромни и затоа е потребно обединување, а не бојкотирање на овој важен процес.

„Секој што и мисли добро на државата и што сака таа да се развива и да оди напред, треба да даде максимален придонес и поддршка во овој процес. Затоа ве повикувам на масовен одѕив на пописот, да ја искористите приликата да дадете свој придонес за напредокот на татковината“, рече Каевски.

Share
Scroll to Top