(Видео) Костовски: Антикризните мерки што ги преземаме ги намалуват трошоците кај граѓаните

пред 3 години

Владата и институциите предводени од СДСМ успешно се справуваат со последиците од светската економска криза, најголема во последните неколку децении, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски.

Според него видливи и реални се резултатите од мерките вредни 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓани и поддршка на домашната економија.

„Преку само неколку мерки на поддршка за граѓаните, месечните трошоци на семејствата во просек се намалени за околу 4.000 денари месечно. Околу 1.500 денари се заштедуваат преку мерката за намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти. Преку субвенционирањето на сметки за електрична енергија сметките за струја на едно просечно семејство денес се пониски за 2.150 денари, додека намалувањето на ДДВ за горивата обезбедува месечна заштеда од околу 300 денари“, посочи тој.

Додава дека во време на огромна криза растат и платите и пензиите. Минималната плата од овој месец изнесува 18.000 денари, а просечната плата за месец јануари е 29.980 денари.

„Заедно со пензионерите договорено е рекордно зголемување на пензиите, а 330.000 пензионери овие три месеци добиваат по дополнителни 1.000 денари финансиска помош. Покрај овие антикризни мерки, Владата предводена од СДСМ продолжува со реализација на политики кои го унапредуваат животниот стандард на сите категории граѓани“, истакна Костовски.

Share
Scroll to Top