Агенцијата за национална безбедност разоткри иранска прокси мрежа инволвирана во планирање на терористички напад.
„Од почетокот на 2026 година Агенцијата во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, но и во координација со МВР-БЈБ на национално ниво преземаше активности за разоткривање на намери и планови на лица надоврзани на странски/ирански фактори, за извршување на терористички акти. Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Edris Jahangiri Mavaneh, издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Naji Sharifi Zindashti“, соопштија од АНБ.
Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување на терористички атентат врз лице во Грција.
„Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција. Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби.
Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија“, велат од АНБ.
Во врска со акцијата уапсени се пет лица.
„Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, во координација со Агенцијата за национална безбедност, реализираше заедничка антитерористичка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.
Акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, државјани на Република Северна Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово“, соопшти МВР.
По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
„Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага. При претресите беа пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења“, велат од МВР.
Во текот на постапувањето била утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи.
За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.
Текстот (Видео) Криминалци од Македонија по насоки од Иран спремале терористички напад во Грција е превземен од МАКФАКС.





