(Видео) Манасиевски: Без цврсти гаранции од ЕУ нема уставни измени, Филипче да му пренесе на Радев дека се бара испорака на пресудите од Стразбур

(Видео) Манасиевски: Без цврсти гаранции од ЕУ нема уставни измени, Филипче да му пренесе на Радев дека се бара испорака на пресудите од Стразбур

пред 4 часа

Македонија нема да спроведе уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од Европската Унија, порача денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски. На прес-конференцијата, владејачката партија упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, нарекувајќи го „специјален бугарски пратеник“ и го повика на бугарскиот претседател Румен Радев да му пренесе дека Македонија очекува спроведување на пресудите за македонското малцинство од Судот во Стразбур.

Според ВМРО-ДПМНЕ, државата повеќе нема да прифаќа уцени и диктати, ниту пак ќе прави отстапки кои не гарантираат сигурен напредок во евроинтегративниот процес.

„Прескапа цена поради лековерноста на СДС“

Портпаролот на партијата истакна дека државата во минатото веќе платила превисока цена поради, како што рече, погрешните сојузни политики на претходната власт.

„Македонија поради лековерноста и погрешните политики на СДС, предводени од Зоран Заев и Венко Филипче, плати прескапа цена со промена на уставното име на државата. Затоа, овој пат уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од ЕУ – нема да има“, дециден е Манасиевски.

Тој додаде дека со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е завршено времето на прифаќање еднострани диктати на штета на македонските позиции.

Националните интереси пред нови отстапки

Од владејачката партија нагласуваат дека граѓаните не смеат повторно да бидат изманипулирани со ветувања кои не носат никаква сигурност за македонската иднина во Унијата. Секој следен чекор, според нив, мора да биде проследен со заштита на националното достоинство.

„Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски ја заврши прес-конференцијата со директна порака до опозицискиот лидер во однос на официјална Софија: „Затоа, специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика“.

Текстот (Видео) Манасиевски: Без цврсти гаранции од ЕУ нема уставни измени, Филипче да му пренесе на Радев дека се бара испорака на пресудите од Стразбур е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top