(Видео) Милошоски: Ислам Абази ја запре судската постапка за сомнителната набавка на мазут против Васко Ковачевски и Ратко Капушевски

(Видео) Милошоски: Ислам Абази ја запре судската постапка за сомнителната набавка на мазут против Васко Ковачевски и Ратко Капушевски

пред 11 часа

Кадарот на Филипче, Заев и Ахмети испорачува за бандата и криминалците, Ислам Абази ја запре судската постапка за сомнителната набавка на мазут вреден 167 милиони евра, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој одработува за Филипче, Заев и Ахмети, односно за СДС и ДУИ, донесе контраверзна наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, вреден 167 милиони евра. Ислам Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски“, рече Милошоски.

Тој кажа дека пред неколку часа дознал дека постапката против Васко Ковачевски и другите, за набавка на мазут е запрена. Обвинителството навело дека немале докази, но Милошоски прашува зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?

„Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење на постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази“, рече Милошоски.

Тој потсети дека Антикорупциската комисија утврди дека на фирмата РКМ и биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. „Дури 18 илјади тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а Мазутот не дошол. Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител?“, праша Милошоски.

„Денес поставуваме три прашања за кои очекуваме одговор: Прво, зошто Ислам Абази одлучи да ја запре оваа постапка и врз основа на чија проценка? Дали проценката е правна или лукративна? Второ, зошто запирањето дојде токму сега, додека Ковачевски е надвор од земјата и е недостапен за органите на прогонот? И трето, дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контраверзна и лукративна одлука?“, рече Милошоски и истакна дека Ковачевски треба се врати и да одговара, а ако е невин, нека го докаже тоа пред судовите, а не преку бегство и лукративно затворање на овој предметот.

ВМРО-ДПМНЕ го повика шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, веднаш да поднесе оставка, и, како што рече Милошоски, да ја остави работата на професионалците, коишто поради таквите обвинители како него, не можат да дојдат до израз во правосудството.

Текстот (Видео) Милошоски: Ислам Абази ја запре судската постапка за сомнителната набавка на мазут против Васко Ковачевски и Ратко Капушевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top