(Видео) Мојсоска: Божиновска е на добар пат Македонија да ја претвори во рударска колонија на странскиот капитал

(Видео) Мојсоска: Божиновска е на добар пат Македонија да ја претвори во рударска колонија на странскиот капитал

пред 1 час

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во контрареплика во Собранието порача дека министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска навистина е „на добар пат“, но на пат да ја претвори Македонија во рударска колонија на странскиот капитал.

Мојсоска посочи дека на 8 април 2026 година министерката Божиновска присуствувала на потпишувањето на меморандум за истражување на критични минерали помеѓу американската институција DFC и компанијата „Пела“. Меморандумот се однесува на истражување на антимон во Крива Паланка.

„Да, министерката Божиновска е на добар пат да ја претвори Македонија во рударска колонија на странскиот капитал“, порача Мојсоска.

Таа посочи дека DFC, американска институција која работи и на заштита на американските геополитички интереси, се поврзува со финансирање проекти во земји во развој кои биле проследени со сериозни еколошки хаварии, корупција и кршење на човековите права.

Како пример го посочи финансирањето на корпорација за течен гас во Мозамбик. Според Мојсоска, за овој проект веќе е поднесено барање за истрага до американското Министерство за правда поради наводи дека преку поткуп на локална полиција се обидувало насилно да се задуши отпорот на локалното население, како и да се замолчат новинари кои известувале за присилното иселување на населението.

Мојсоска предупреди дека токму ваквиот модел е особено опасен во Македонија, каде што постои силен отпор на населението против отворањето рудници во Источна Македонија.

„Кога вие имате отпор во цела Источна Македонија против рудниците, јас можам да заклучам дека вие сега директно со овие американски долари ќе ги искористите за да го гушите отпорот на локалното население, за да заплашувате новинари кога и така веќе ние имаме еден тотален медиумски мрак и за директно да испорачате Македонија да стане рударска колонија на странскиот капитал“, рече Мојсоска.

Таа оцени дека наместо заштита на домашниот интерес и природните ресурси, Владата активно отвора простор за странскиот капитал да ги истражува македонските минерални богатства, додека локалното население го презема ризикот од евентуалните еколошки и социјални последици.

„Очигледно во едни вакви земји, каде што ние имаме и тоа како локални политичари кои се спремни очигледно за шака долари да ја продадат иднината на сопствениот народ“, порача Мојсоска.

Текстот (Видео) Мојсоска: Божиновска е на добар пат Македонија да ја претвори во рударска колонија на странскиот капитал е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top