(Видео) Нацева: Неготино оди напред, се инвестира во модернизација на училишта и подобра инфраструктура

(Видео) Нацева: Неготино оди напред, се инвестира во модернизација на училишта и подобра инфраструктура

пред 5 часа

Во Општина Неготино во изминатата година се реализирани и започнати повеќе инфраструктурни проекти, а преку два јавни повика од Владата се обезбедени вкупно 240 милиони денари за 15 проекти, информираше денеска градоначалничката Марија Нацева, презентирајќи отчет за едногодишното работење.

– Кога зборуваме за развој на една општина, инфраструктурата е основата. Затоа во изминатата година ова беше еден од нашите најголеми приоритети – улици, канализација, водовод, тротоари и побезбеден сообраќај, рече Нацева.

Таа посочи дека со средства обезбедени преку првиот јавен повик се реализирани пет проекти во вредност од 80 милиони денари, додека преку вториот повик се одобрени околу 160 милиони денари за 10 проекти.

Меѓу позначајните проекти ја посочи реконструкцијата на улицата „29-ти ноември“ во должина од 724 метри, со инвестиција од над 28,5 милиони денари, како и изградбата на кружен тек на излезот од Неготино кон Кавадарци, вреден 9,3 милиони денари.

Во тек е и изградбата на кружниот тек во центарот на Неготино, за кој се обезбедени 28,5 милиони денари, а најавена е реконструкција на градскиот плоштад, проект вреден 38 милиони денари.

Во тек е реконструкција на главната улица „Маршал Тито“, за која се обезбедени 26,5 милиони денари, додека се подготвува и реконструкцијата на улицата „Ленинова“, со инвестиција од 19,5 милиони денари.

Инфраструктурни проекти се реализираат и во населените места. Во Тремник е реконструирана и асфалтирана улица во должина од 832 метри, во вредност од над 8,6 милиони денари, додека во Долни Дисан, Горни Дисан и Вешје е реконструиран патен правец во должина од 1.800 метри, со инвестиција од над 16,7 милиони денари.

Нацева го издвои и паркот „8-ми Ноември“, во кој, како што информираше, се инвестирани 13,3 милиони денари. Паркот има пешачки патеки, осветлување, клупи, летниковци, чешми, шах-маси и детски реквизити.

– Ова се инвестиции кои не се само асфалт и бетон. Тие се инвестиции во подобро секојдневие, но и во идниот развој на Неготино, истакна Нацева.

Во делот на образованието, таа информираше дека Општина Неготино обезбедила по 3.000 денари за секое прваче, биле наградени 45 ученици за резултати на државни и меѓународни натпревари, како и 19 нивни ментори и првенците на генерациите.

Обезбедени се и бесплатни униформи за учениците во основните училишта и бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение. Во ООУ „Гоце Делчев“ наставата започнала да се одвива во една смена, а воведен е и продолжен престој до 16 часот.

– Образованието е инвестиција која нема рок на траење. Затоа оваа година обезбедивме 3.000 денари за секое прваче, ги наградивме најуспешните ученици и нивните ментори, рече градоначалничката.

Општината продолжила и со поддршката на спортот и младите, а биле поддржани и спортски настани во Неготино и населените места.

Во делот на социјалните мерки, Нацева информираше дека во текот на годината биле доделени 38 ваучери за новороденчиња, во вредност од по 7.000 денари.

Таа посочи дека и покрај реализираните проекти, остануваат предизвици за решавање.

– Не сакам да кажам дека сме завршиле. Не сме. Има улици кои треба да се реконструираат. Има инфраструктура која треба да се подобри. Има сообраќајни проблеми кои треба да ги решиме, нагласи Нацева.

За следниот период најави продолжување на инфраструктурните инвестиции, подобрување на сообраќајот, вложувања во образованието и младите, мерки за поддршка на семејствата и создавање услови за нови инвестиции и работни места.

– Нашата цел не е само да реализираме што повеќе проекти. Нашата цел е секој проект да има смисла, да решава реален проблем, да му го олесни животот на граѓанинот и да остане како трага дека сме направиле нешто добро за нашиот град, рече Нацева.

Текстот (Видео) Нацева: Неготино оди напред, се инвестира во модернизација на училишта и подобра инфраструктура е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top