(Видео) Николова: Оптимизацијата на Јаневска значи отпуштања наставници и гасење на руралните средини

(Видео) Николова: Оптимизацијата на Јаневска значи отпуштања наставници и гасење на руралните средини

пред 4 часа

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на собраниската расправа за измените на законите за образование предупреди дека зад најавената „оптимизација“ на министерката Весна Јаневска не се крие подобро образование, туку политика што ќе значи отпуштања на наставници, централизација на одлучувањето и дополнително празнење на руралните средини.

„Министерката постојано зборува за оптимизација и дека токму таа оптимизација ќе го подобри квалитетот на наставата. Но, онака како што таа ја замислува да ја спроведе, оптимизацијата значи само намалување на трошоците и приспособување на образованието кон буџетските ограничувања. Таа всушност наставниците и учениците ги гледа како трошок.“ рече Николова.

Пратеничката Николова истакна дека со законските измени Владата дополнително ја централизира моќта и ги одзема надлежностите на општините.

„Ова можеби изгледа како техничка измена, но тоа е јасна дополнителна централизација на одлучувањето. Тоа е концентрација на моќ кај министерката. Тоа е порака дека локалната самоуправа, директорите и училиштата сè помалку ќе одлучуваат, а сè повеќе ќе чекаат одобрение од централната власт„ додаде таа.

Николова предупреди дека најголемата цена од ваквите политики ќе ја платат малите и руралните средини.

„Министерката треба да знае дека секое училиште има значење кое е многу поголемо од бројката на ученици коишто го посетуваат. Во многу населени места училиштето е последната инстанца што го одржува животот во таа заедница.“

Таа оцени дека Владата не понудила никакви анализи за последиците од предложените измени.

„Каде е анализата? Каде се бројките? Каде се проценките за последиците? Колку паралелки ќе бидат погодени? Колку училишта ќе бидат опфатени? Какви ќе бидат ефектите врз наставниот кадар? Колку наставници ќе останат без работа?“ рече таа.

Николова потсети дека Весна Јаневска, додека била во опозиција, ги бранела наставниците, а денес води сосема спротивна политика.

Ако Владата навистина сака рационализација, треба прво да ги намали сопствените трошоци, а не да штеди на образованието.

„Но сега за наставниците и за учениците нема пари. Тие се трошок. Затоа предлагам рационализацијата да тргне токму од тука, да тргне од нас… Ајде да ги скратиме министерствата, да ги скратиме трошоците коишто се врзани со толку министерства… Ете тоа ќе значи вистинска реформа.“ рече Николова.

Текстот (Видео) Николова: Оптимизацијата на Јаневска значи отпуштања наставници и гасење на руралните средини е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top