(Видео) Оле донеси чаша вода од чешма, рече Ѓорѓиевски и ја испи за да покаже дека нема бактерии

(Видео) Оле донеси чаша вода од чешма, рече Ѓорѓиевски и ја испи за да покаже дека нема бактерии

пред 5 часа

Организиран напад еднаков на терористички чин е ширењето хистерија дека во скопската вода има бактерија Ешерихија коли, рече денес градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и ја обвини опозицијата за паниката кај скопјани. На вонредна прес-конференција градоначалникот Ѓорѓиевски кажа дека скопската вода е чиста за пиење и е една од петте најдобри води и извори во Европа.

За да докаже дека водата е чиста, тој побара чаша вода од чешма и ја испи пред камерите.

Градоначалникот Ѓорѓиевски си нарача чаша вода од чешма

„Во однос на овој напад којшто се случува од сабајле и ширењето на лажни вести и хистерија, сакам да им порачам на скопјани да бидат спокојни. Јас еве ќе ја замолам Оле, Оле, можеш ли да донесеш вода од чешма? Сакам и јас да се напијам пред вас, за да знаете дека во Скопје водата е безбедна и дека скопјани пијат безбедна вода. Никој друг освен нашата Лабораторија не е подобро организиран и поподготвен да ја испитува водата. А тоа го правиме, на дневно ниво на 36 позиции во градот Скопје. Еве, ова е одлична, обична вода од чешма. Да знаат скопјани дека имаме најдобра вода, најквалитетна вода и дека јас и моето семејство, и мојот осум и полгодишен син, ја пиеме оваа вода“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Нагласи дека не е како некои министри од минатото да дозволи да умрат 30,40,50 луѓе и да нема грижа на совест за тоа. Уверува дека доколку имало некаков проблем во скопската вода, ќе бил прв кој ќе излезе во јавноста да го каже тоа.

Најави дека нема да дозволи ширењето хистерија и паника за водата да помине неказнето.

„Ова, освен што е организиран напад од опозицијата, генерално, знаете на кого мислам, не мислам само на Социјалдемократскиот сојуз, тука мислам и на онаа партија сателит којашто им помага честопати на Социјалдемократскиот сојуз, туку ова е организиран напад за ширење на хистерија, според мене рамно на терористички напад. И од утрово сакам да ве информирам дека се сублимираат сите профили – и лажните, но и оние приватни коишто се припадници на опозициските партии, и уредно во текот на денот од страна на директорот на ‘Водовод и канализација’ ќе бидат доставени до Министерството за внатрешни работи каде што бараме да се постапи соодветно против нив“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој смета дека овој напад со бактерија во скопската вода од опозицијата доаѓа по вчерашниот неуспешен обид да се вознемират граѓаните поради ѓубрето на 30 километри од изворот Рашче, кое веќе денес се чисти, а Ѓорѓиевски вели дека депонијата е стара 30 години.

Текстот (Видео) Оле донеси чаша вода од чешма, рече Ѓорѓиевски и ја испи за да покаже дека нема бактерии е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top