(Видео) Пристигна унгарската донација од 6.000 дози вакцини, ќе бидат наменети за граничната полиција

пред 4 години

Министрите за внатрешни и надворешни работи Оливер Спасовски и Бујар Османи денеска на скопскиот аеродром ја пречекаа делегацијата предводена од шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, кој ја предаде донацијата од 6.000 дози вакцини против Ковид-19, како пријателски чин од унгарската Влада.

Министерот Спасовски по предавањето на донацијата рече дека вакцините се наменети за имунизација на припадниците на МВР, поточно за граничната полиција, која што согласно надлежностите и обврските е во поголема мерка изложена на предизвиците од глобалната пандемија.

„Сакам да истакнам дека досега, како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1.500 наши припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму врз основа на планот што е изготвен во соработка со Министерството за здравство. Ова е уште една можност преку овој чин да испратиме силна порака за взаемна соработка и пријателство“, посочи Спасовски.

Тој воедно аплелираше до сите граѓани да пристапат кон вакцинација поради тоа што, како што истакна, само на таков начин ќе можеме до крај да се справиме со пандемијата со Ковид-19 и да се вратиме во нормалното живеење.

Share
Scroll to Top