(Видео) Серафимовски: Се преземаат мерки за интензивирање на откупот на вранецот

(Видео) Серафимовски: Се преземаат мерки за интензивирање на откупот на вранецот

пред 1 час

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготви мерки и одлуки кои се насочени кон интензивирање на откупот на винското грозје од сортата вранец, заштита на сточниот фонд, олеснување на субвенциите и проверка на почитувањето на законските правила на пазарот. Мерките се утврдени врз основа на сознанијата од терен, официјалните податоци и анализата на расположливите институционални механизми, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешната прес-конференција.

„Во изминатиот период бев во постојана и непосредна комуникација со земјоделците, сточарите, откупувачите и преработувачите. Разговаравме за состојбите во производството, динамиката на откупот и неизвесноста што ја создава пласманот на дел од земјоделските производи. Одговорите што ги подготвивме произлегуваат од реалните состојби и се насочени кон конкретните потреби на производителите“, образложи министерот Серафимовски.

За интензивирање на откупот на винското грозје, тој најави дека на следната седница на Владата ќе биде предложена измена Одлуката за условите за користење на средствата од компензационите фондови. Кредитната линија што се реализира преку Развојната банка изнесува 793,48 милиони денари, односно околу 12,9 милиони евра. Од нив, 553,48 милиони денари се наменети за откуп на винско грозје од сортата вранец, а 240 милиони денари за откуп на оризова арпа.

„На барање на винарските визби, ќе ги олесниме условите за користење на средствата наменети за откуп на вранецот. Грејс-периодот ќе го зголемиме од три на 18 месеци, по што ќе следуваат дополнителни 18 месеци за отплата, со фиксна годишна каматна стапка од еден процент. Како заложно обезбедување ќе може да се користи и произведеното вино“, прецизира министерот Серафимовски, додавајќи дека со овие измени треба да се подобри ликвидноста на винарските визби и да се зголеми нивниот капацитет за преземање на грозјето во период кога бербата се очекува дополнително да се интензивира.

На прес-конференцијата беа соопштени и последните податоци за состојбата со сипаниците кај овците. Болеста е потврдена во 64 жаришта – 50 во Источниот, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион.

„Апелирам до сточарите доследно да ги почитуваат институционалните превентивни препораки, веднаш да ги пријавуваат сомнителните случаи и да не користат заедничка опрема меѓу стадата без целосна дезинфекција. Еден од главните утврдени ризици за пренесување на заразата е стрижењето со ножици што претходно не биле дезинфицирани“, апелираше министерот Серафимовски.

Во меѓувреме, преземени се активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Република Турција и ФАО. Министерот укажа дека нивното обезбедување нема да значи автоматско започнување со вакцинација.

„Одлуката за евентуална вакцинација ќе се темели исклучиво на стручна проценка на епидемиолошката состојба, степенот на ризик и можните ветеринарно-здравствени и економски последици“, образложи министерот Серафимовски.

Во делот на субвенциите, во изминатиот период се исплатени вкупно 948,78 милиони денари, односно околу 15,4 милиони евра, на 30.389 корисници. Притоа, тој најави дека исплатата ќе продолжи и по другите мерки, а паралелно се подготвува олеснување на условите за остварување на правото на субвенции.

„Неповолните временски услови и ограничените можности за пласман доведоа дел од производителите објективно да не можат да го исполнат условот за најмалку 30 проценти продадено или предадено производство. На следната седница на Владата ќе предложиме укинување на овој услов за производителите во лозарството, овоштарството и поледелството“, најави министерот Серафимовски.

Осврнувајќи се на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи, министерот соопшти дека Министерството мобилизира дополнителни системски капацитети за проверка на пазарните практики. Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа работна недела Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Состојбите нема да ги разгледуваме само преку поединечните контроли на откупните пунктови, туку и низ целокупната структура и функционирањето на пазарот. Од Комисијата ќе побараме да утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики кон производителите“, рече министерот Серафимовски, притоа појаснувајќи дека Комисијата ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Министерот уверува дека однапред нема да се прогласува одговорност, но нема да се остави неискористен ниту еден финансиски, инспекциски или законски механизам за фактите да бидат независно и стручно проверени.

„Пазарните услови не смеат да бидат оправдување за непочитување на договорите, нетранспарентна класификација или префрлање на целиот ризик врз земјоделците. Кога се работи за нивниот труд и приход, институциите мора да постапуваат навремено, координирано и одлучно“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Текстот (Видео) Серафимовски: Се преземаат мерки за интензивирање на откупот на вранецот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top