(Видео) Славески: Поскапувањето на горивата не е еколошка такса, туку кризен данок

пред 3 години

Со оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ навикнавме на создавањето паралелна реалност и на давање погрешно име на нештата, вели Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, предлогот за воведување т.н. еколошка такса за горивата не отстапува од тоа правило. Тоа, како што рече Славески, се гледа од образложението што го нудат владата и нејзини челници за причините за воведување на оваа давачка.

„Целта, наводно, е да се придонесе кон заштита на животната средина преку поддршка на транзицијата од користење фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Нè убедуваат дека зголемените цени на горивата почивале на познатиот принцип „загадувачот плаќа“. Овој принцип, предложен од економистите пред точно еден век, е сосема во ред, но повикувањето на него во случајов претставува класична злоупотреба и замена на теза. Значи ли ова дека сите корисници на автомобили, сите транспортери, вклучително и вршители на јавен превоз во земјава се загадувачи? Се разбира дека не значи. Наместо да се воведе построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата, како основа за примена на принципот „загадувачот плаќа“ во овој контекст, се предлага линеарно зголемување на цените на горивата за сите корисници, без разлика на видот на превозното средство“, оценува членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.

Од досегашната практика, како што рече Славески, може да се заклучи дека зголемувањето на цените до одреден степен не влијае на намалување на потрошувачката на горивата.

Според него, воведувањето на дополнителна давачка на горивата, преку зголемените цени, ќе ги зголеми приходите во државниот буџет.

„Зголемените цени негативно ќе влијаат врз стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници. Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во изразито неповолен момент,кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст“, смета Славески.

Share
Scroll to Top