Сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, продолжувајќи ја минатогодишната традиција и годинава беше покровител на настанот „Едно семејство“ во организација на СОС Детско село.
Посочувајќи дека со овој настан, во пресрет на Меѓународниот ден на човековата солидарност – 20 декември, им се оддава признание на сите пријатели, донатори и поддржувачи на СОС Детско село, Ѓеоргиевска истакна дека истиот претставува и можност да се афирмира значењето на солидарноста, пред сѐ преку примерот со активностите на СОС Детско село, но и воопшто да се говори за значењето на солидарноста во нашето општество.
„Морам да го истакнам значењето на корпоративниот сектор, како и на бројните индивидуалци кои на дело ја покажуваат својата хуманост и солидарност. Токму благодарение на солидарноста и на конкретната помош од страна на компании и на поединци, СОС Детско село успешно ја врши својата основна функција ‒ грижа за децата во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца, како и преку реализирање програми за социјална превенција“, рече првата дама во своето обраќање пред присутните на овој хибриден настан.
Говорејќи за промените коишто се случија во целокупното општествено живеење поради пандемијата од Ковид-19, сопругата на претседателот Ѓоргиевска подвлече дека ваквата ситуација ги става на испит солидарноста, одговорноста, хуманоста и алтруизмот на секој поединец.
„Да ја оставиме себичноста зад себе и ако не можеме на друг начин, барем да помогнеме со топол збор, со насмевка, со користење на нашето слободно време за волонтерски ангажмани од корист на заедницата. Да ги отвориме нашите срца и да отстапиме простор за алтруизмот и несебично и безрезервно да помагаме и да бидеме великодушни. Да покажеме на дело дека без разлика на полот, возраста, социјалниот статус, верската, етничката или политичката определба, сите ние сме едно семејство и секој член на нашето семејство е подеднакво важен“, додаде Ѓеоргиевска.
Во оваа насока таа ги истакна натчовечките напори коишто ги вложуваат здравствените работници за да ги спасат здравјето и животите на своите пациенти.
„Да ја покажеме солидарноста кон нив, така што ќе се придржуваме до мерките за зачувување на јавното здравје. Со оглед на фактот што во некои земји веќе се започна со имунизација на населението, а вакцината наскоро ќе дојде и кај нас, да издржиме докрај и да покажеме одговорност, дисциплина, грижа и солидарност“, порача сопругата на претседателот.
На денешниот настан „Едно семејство“, на СОС Детско село беа доделени награди и признанија на корпоративните и индивидуалните донатори коишто го поддржаа СОС Детско село во 2020 година. Исто така беше поставена и изложба на уметнички дела на младиот уметник Мартин Буровски, којшто пораснал под закрила на СОС Детско село. Изложбата којашто свечено беше отворена од австрискиот амбасадор во нашата земја, Георг Вуцас, ќе биде достапна за граѓаните до 25 декември.