Мицкоски и Муцунски ја кријат вистината, уставните измени се европско, а не билатерално прашање, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Повторно видовме како функционира дипломатијата на ВМРО. Прво, Тимчо Муцунски премолче дека имал средба со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова – Чамова. Потоа, кога излегоа информациите на европските медиуми, рече дека тоа било само кратка размена на зборови. Но, најважно од се, која е пораката на министерката на Бугарија, а што Тимчо Муцунски и Христо Мицкоски ја сокрија од јавноста. Ја цитирам – „Бугарија има јасно изразен став кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земја кандидат. Овај прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако тие не го искористат навистина можат да изгубат“., рече Филипче.
Тој вели дека Бугарија потврдува дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку е европско прашање и тоа е услов на Европската Унија, а не на Бугарија.
„Европско, а не билатерално прашање. Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, вчера исто така упати порака дека Брисел е подготвен да ги поддржи земјите од регионот, но дека истовремено се очекуваат и реформи. Истото го порача и Марта Кос, дека има место во Европската Унија за сите земји од Западен Балкан, но дека успехот зависи од спроведените реформи на земјите кандидати“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски и Муцунски го блокираат европскиот пат за да ја заштитат, како што рече, својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата.
„Што ветуваа, дека ќе го вратат името и дека ќе го поништат Преспанскиот договор? Гласаа против, а сега министерот Муцунски гостува на Еуроњуз и кажува колку НАТО, внимавајте, било позитивна стратешка одлука за иднината на државата и креирање на клима за инвестиции. Па вакво разобличување на уште една нивна лага на ваков европски канал досега немало. Луѓето кои што беа против НАТО, кои што беа против Преспанскиот договор, луѓето кои што ќе го поништуваа Преспанскиот договор и ќе го враќаа името, сега го фалат членството во НАТО“, рече Филипче.
Текстот (Видео) Филипче: Бугарија потврди дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско прашање е превземен од МАКФАКС.





