Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на денешната собраниска седница посочи на три клучни проблеми во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, со кој, како што истакна, се враќаат назад дел од механизмите за заштита на животната средина воспоставени во 2022 година.
Јанчев посочи дека со предложените измени повторно се овозможува реконструкција на инсталации од тешка загадувачка Г1 индустрија на растојание помало од пет километри од населени места. Со тоа, како што истакна, се отвора можност за бесконечни реконструкции на постојни загадувачки капацитети, наместо нивно дислоцирање или затворање.
„Таман во 2022 година се успеа во Законот за заштита на животната средина да се стави забрана за изградба и реконструкција на инсталации од тешка загадувачка Г1 индустрија на растојание помало од пет километри од населени места. Сега процесот со Предлог-законот се враќа назад. Во превод, тоа значи дека на Усје, кое треба да се затвори или да се дислоцира, му се овозможува да си прави бесконечни реконструкции и станува збор за Усје кое знае од Скопје да направи Мордор – ниту да се гледа, ниту да се дише“, истакна Јанчев.
Како дополнителен пример, Јанчев го посочи случајот со леарницата во близина на селото Самоилово, каде, како што истакна, со предложените измени би се овозможило функционирање на тешка индустрија на само неколку стотини метри од првите куќи.
Вториот проблем на кој посочи Јанчев се контаминираните индустриски локации, односно таканаречените „жешки точки“. Во Македонија постојат 16 индустриски контаминирани локации, од кои седум се идентификувани како жешки точки, поврзани со рудници и индустриски капацитети. Меѓу нив се ОХИС, Макстил, РЕК Битола, РЕК Осломеј, Металуршко-хемискиот комбинат Злетово, Југохром и Лојане.
„Во Југохром има шестовалентен хром кој се растворува во вода и на секој дожд си понира во земја, оди во Вардар, ги загадува околните земјишта и е закана за изворот Рашче. Во Лојане има 450.000 тони јаловина со арсен и антимон“, посочи Јанчев, додавајќи дека со член 13 од предложениот закон повторно се укинува законската рамка воспоставена во 2022 година за справување со овие контаминирани локации.
Третиот проблем, според Јанчев, е тоа што со предложените измени повторно не им се овозможува на граѓаните соодветно учество во постапките за одобрување на елаборати за заштита на животната средина, ниту пристап до правда преку можност за покренување управен спор кога имаат забелешки на ваквите постапки.
Јанчев посочи дека ваквиот пристап е спротивен на Архуската конвенција, особено на член 6 и член 9, кои го гарантираат учеството на јавноста и пристапот до правда во прашања поврзани со животната средина.
„Граѓанскиот надзор е заштитен механизам за заштита на животната средина. Кога тој се исклучува од постапките, се доведуваме во ситуација да имаме протести, блокади, пробивање рокови и на крај тужби со потенцијална закана државата да ги изгуби и да плаќа штета“, истакна Јанчев.
Јанчев посочи и дека законот се носи со европско знаменце, поради што пратениците не можат да го блокираат преку амандмани за продолжување на постапката, но најави дека пратеничката група на Левица ќе интервенира амандмански за да ги спречи, како што истакна, штетните последици од предложените измени.
„Ова е штетен закон. Ние сега поради тоа што е со европско знаменце не можеме да го блокираме, но амандмански сигурно ќе интервенираме“, заклучи Јанчев.
Текстот (Видео) Јанчев: Со европско знаменце се турка закон што ја загрозува заштитата на животната средина е превземен од МАКФАКС.





