(Видео) Јорданов: Нова спортска сала „Џексон”, катна гаража и богата културна понуда, Штип продолжува со забрзан развој

(Видео) Јорданов: Нова спортска сала „Џексон”, катна гаража и богата културна понуда, Штип продолжува со забрзан развој

пред 4 часа

Штип во 2026 година продолжува со инвестиции во инфраструктурата, спортот, културата и поддршката за децата и младите, соопшти денеска градоначалникот Иван Јорданов, презентирајќи ги реализираните и тековните проекти во општината.

– 2026 година е година на продолжена работа, конкретни резултати и видливи промени за Штип. Година во која продолживме да инвестираме во подобра инфраструктура, подобри услови за живот и поголема поддршка за децата, младите и сите граѓани, изјави Јорданов.

Во делот на социјалната и детската заштита, општината обезбедила финансиска поддршка за семејствата на децата со попреченост од прво до деветто одделение кои се вклучени во редовната настава во општинските основни училишта. Продолжува и доделувањето стипендии за ученици и спортисти, а започнува и распределбата на бесплатни униформи за учениците до петто одделение.

Во инфраструктурата се реконструирани улиците „Питу Гули“, „Џемал Бједиќ“ и „Кежовица“, а по пет децении целосно е реконструирана и повторно ставена во функција улицата „Борис Кидрич“.

– Во Бело Брдо и населбата Леваци реализираме целосна реконструкција на патната инфраструктура, стара повеќе од 60 години. Започнаа и градежните активности за нова сообраќајница која ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“, рече Јорданов.

Според него, новата сообраќајница ќе го подобри пристапот до СОУ „Јане Сандански“ и новата Клиничка болница, а треба да придонесе и за намалување на сообраќајниот метеж.

Во делот на паркирањето, изградена е нова катна гаража на три нивоа со капацитет од 50 возила кај зградата „Промаја“. Нови паркинг-површини се обезбедени и во населбата Пребег, во дворот на спортската сала „Јордан Мијалков“ и кај „7-те кули“, во близина на Економскиот факултет.

Јорданов ги посочи и капиталните проекти, меѓу кои изградбата на обиколницата, нови резервоари за вода и изградба и реконструкција на мостовите на реката Брегалница.

Општината, како што информираше, работи и на создавање нов зелен појас, односно мега-парк со површина од околу 70.000 квадратни метри покрај реката Брегалница.

– Во делот на сообраќајот, Штип е првата општина во Република Македонија која воведе софистициран и автоматизиран софтвер за евиденција и наплата во дејноста јавни паркинзи, истакна градоначалникот.

Во спортот, Јорданов ја посочи зголемената поддршка за спортските клубови, како и пуштањето во употреба на новата спортска сала „Џексон“, со капацитет од 1.300 посетители.

– Новата спортска сала „Џексон“ е вистински спортски храм во градот, рече Јорданов.

Штип, како што нагласи, продолжува да ја развива и културната понуда. Втора година по ред е организиран „Д Фестивал“, а општината продолжува со финансирање и организација на „Макфест“, „Astibo Jazz Festival“, „Пастрамајлијада“, „Shtip Street Festival“, „Piano Golden Talents“ и други настани.

– Продолжуваме со финансирање и организирање на настани кои го промовираат Штип, привлекуваат посетители и носат дополнителна економска активност за локалниот бизнис, изјави градоначалникот.

Јорданов најави дека општината и во периодот што следува ќе продолжи со реализација на нови проекти и активности.

– Верувам дека со континуирана работа и заеднички ангажман можеме да направиме Штип да биде уште подобро место за живеење и град со сигурна перспектива за идните генерации, порача Јорданов.

Текстот (Видео) Јорданов: Нова спортска сала „Џексон”, катна гаража и богата културна понуда, Штип продолжува со забрзан развој е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top