Владата во допис признава дека во буџетот нема пари за нормално функционирање и исполнување на законските обврски. Владата признава дека нема пари во буџетот и бара последиците од тоа да ги трпат и културните работници и програмските активности како и капиталните проекти, истакнува Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Mинистерството за култура на чело со министерката повторно во поход за омаловажување на културните работници преку предлог за неисполнување на колективниот договор за културата, сега, во паника, како што вели, преку допис бара измена на колективниот договор во културата.
„Деновиве до СОНК и Синдикатот за култура на Република Македонија, пристигна допис – предлог за изменување и дополнување на Колективниот договор во културата. Во дописот се наведува дека ваквото зголемување ќе предизвика дополнителни финансиски импликации, а со оглед на тоа што се уште е во примена Членот 65 од Колективниот договор за културата, а министерството за финансии не обезбедува дополнителни средства за исплата на платите на вработените во установите од областа на културата, министерството бара измени во Колективниот договор за културата во Членот 65 со што по новата пресметка би била на штета на вработените. Дали вработените во културата се колатерлна штета на неспособното и безидејно раководење на министерството од страна на министерката Стојчевска? Нејзините политики, како и политиките на нејзините претходници кои владата на СДСМ ги разрешува и поставува секоја година, се покажуваат како погубно дезориентирано водење на културните политики, секако на штета на вработените во установите од областа на културата, и пошироко на сите културни работници“, вели Љутков.
Оценува дека ваквиот аматеризам, како што го нарекува, стана причина за повторeн обид за избегнување на скалестото покачување на платите, (иако со закон тоа е уредено) а непланското работење со финансиите се правда неможноста да се обезбедат дополнителни средства од страна на министерството за финансии.
„Со ваквиот срамен предлог за изменување и дополнување на колективниот договор за културата се прави притисок врз вработените преку директорите на инстиуциите, кои прават обиди вработените да прифатат неприфатливи решенија врз своја штета со скриена закана дека доколку вработените и синдикатите не го прифатат овој предлог тоа ќе биде на штета на програмските активности и капиталните инвестиции и се бара од синдикатите да дадат предлог од каде да се црпат средствата за плати. Ова е избегнување на одговорност и потврда дека ниту имале план и стратегија, ниту пак сега ја имаат“, истакнува Љутков.
Љутков нагласува дека ветувањето за повисоки плати се претворило во игра на лаги без граници, избегунување на одговорност, која како што смета, трае веќе две години, започната со министерувањето на министерката Стефоска, а продолжува и со новоназначената министерка Стојчевска.
„Каква партија, таква власт, таква култура“, додава Љутков.