Владата укажува на важноста од оддржување на претстојниот попис во државата.
„Претстојниот попис на населението, освен што како статистичка операција е наша обврска како членка на Обединетите нации е од исклучителна важност и поради податоците кои ќе ги добиеме. Ставени во контекст на одредени истражувања и анализи, овие податоци ги даваат потребните контури за креирање ефикасни јавни политики за социо-економски развој“, напоменуваат од македонската влада.
Додаваат, дека без ажурирани и релевантни податоци, утврдени од официјалната установа како што е Државниот завод за статистика, ќе бидеме црна дупка во светот како единствена земја која што нема никаква реална, со податоци поткрепена визија за својот развој.
Македонската влада напоменува дека никој во иднина не би сакал таква земја за партнер.
„Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики. Во отсуство на најнови податоци за населението, Северна Македонија не само што нема да може да креира политики за остварување на целите за одржлив развој, туку ќе стане и земја надвор од главните текови за поддршка“, стои во владиното известување.