Влада: Пауновски и ДПИ имаа детален увид во Планот за распределба, законот мора да се почитува

пред 4 години

Владата на Република Северна Македонија ги информира граѓаните дека преземањето на административните службеници се врши преку распоредување на вработениот на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот на систематизација во институцијата во која се распоредува или се презема, се вели во владиното соопштение.

„Сите институции имаа целосен и детален увид во планот за распределба кој содржи податоци за сите вработени кои треба да бидат преземени и распоредени, податоци за нивото на работното место на тековното вработување, податоци за стекнатото образование, како и називот на институцијата во која се презема вработениот. Според планот, ДПИ треба да преземе 32 вработени, од кои 29 на работно место помлад соработник и тројца на работно место помлад референт.
При изготвувањето на Планот, Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците го имаше во предвид фактот дека видот на образование на вработениот кој се презема треба да биде соодветен на надлежноста на институција во која се презема, односно да ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот на систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува, односно се презема.Членот 12 ги утврдува условите за инспектор и определува дека инспекторот треба да има завршено образование од соодветната област што се докажува со уверение“, пoтенцираат од владиниот кабинет.

Оттаму, од увидот во образовниот профил на лицата кои се опфатени во Планот за распределба е утврдено дека 24 вработени кои треба да бидат преземени на работни места од категорија помлад соработник, ги исполнуваат општите, посебните услови, односно условот видот на образование да биде соодветен на описот на работното место. Ова значи дека овие лица може да бидат преземени како административни службеници, пишува во владиното соопштение.

Од таму информираат дека , членот 5 од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, е донесен во декември 2020 година, утврдува дека раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање. Ова го прифатија 237 институции.

„Директорот на Државниот пазарен инспекторат беше писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска, односно дека во законскиот рок не го прилагодил актот за систематизација на работни места во оваа институција што е дел од постапката за мобилност преку преземање на дел од нераспоредените административни службеници. Со процесот на распределба се решава децениски проблем, а преземањето на вработените нема финансиски импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија, од причина што станува збор за вработени за кои веќе се обезбедени финансиски средства.Почитувањето на законите и утврдните постапки врз основа на законските одредби се темел на кој се заснова политиката на оваа влада. Тоа е обврска за сите што се дел од институциите, особено за носителите на одговорни раководни функции“ се прецизира во писменото владино соопштение.

Share
Scroll to Top