Владата ги достави до Собранието измените на Законот за попис

пред 4 години

Владата на денешната седница го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година.

Како што информираат од Владата, до Собранието ќе биде доставен Предлог-закон со внесени измени и дополнувања со кои се одлага пописот за септември годинава, односно дека се врши менување на датумите за спроведување на пописот и дека тој ќе се спроведе во септември 2021.

„Една од измените што се предлагаат е продолжување на процесот на самопопишување на граѓаните од дијаспората до крајот на одржувањето на пописот во септември“, се додава во соопштението.

Во Собранието измените треба да се донесат со европско знаменце и скратена постапка за да може пописот да се одложи за во септември.

Во меѓувреме, партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека се противат на прекинување на пописот бидејќи, според нив, се работи за незаконски договор на Заев и Мицкоски.

Тие најавија дека ќе ги блокираат измените на законот за попис со Бадентеровиот принцип.

Албанските опозициски партии како и Левица велат дека ја очекуваат поканата за средба утре со премиерот Заев на кого ќе му ги соопштат своите позиции за прекинувањето на статистичката операција.

Share
Scroll to Top