Владата дозволи зејтинот да поскапи за 50 денари, народот се соочува со криза, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата истакнуваат дека зејтин од ист производител за период од неколку недели од 85 денари се покачи на 134 денари продажна цена во маркетите.
Според ВМРО-ДПМНЕ, покачувањето на цените на зејтинот е резултат на лошите политики на власта пред се’.
„Доколку на време се обезбедеше суровина за домашните компании, се договореше увоз и квоти, како и да се фиксираа цените, но и да се наполнеа државните резерви, зејтинот ќе беше на цена како пред кризата. Скапите цени се резултат на лош менаџмент од страна на власта. Неспособноста на власта сега донесе поскап зејтин за 60 отсто, поскапо брашно за 40, поскап леб за 110 отсто, поскапи горива за 70 проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека додека цените секој ден се сè повисоки, платите не се зголемиле ниту еднаш. ВМРО-ДПМНЕ порача дека Владата треба да се посвети на решавање на кризата и на реални мерки кои ќе донесат подобар стандард.