Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.224 и има околу 317 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 704 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје, бројот на ковид-пациенти е 520, од кои само во последните 24 часа хоспитализирани биле 63 лица.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид-центарот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за трауматологија, а доколку има потреба ќе се отворат и дополнителни оддели на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за торакална хирургија, кои имаат вкупно 50 кревети.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 73 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 30 пациенти, во Велес се лекуваат 57 лица, а во Куманово 102 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 91 пациент, во Прилеп 107, во ковид-центарот во Гостивар 30, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 41 пациент, во Кочани 8, во Кичево 10, Кавадарци 66, а во Гевгелија 16 лица, позитивни и суспектни на вирусот“, се вели во соопштението на ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.