Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на отворањето на конференцијата на претседатели на врховни судови од Централна и од Источна Европа, којашто ја организираше Врховниот суд во соработка со CEELI Институтот во рамките на Проектот на ЕУ за владеење на правото.
Според неа, Врховните судови, како највисока инстанца во судската хиерархија, го гарантираат владеењето на правото и ја персонифицираат независноста на судството.
„Судската независност, не обезбедува специјален статус за судијата или за судот, туку токму таквата положба овозможува или е гаранција за слободите и правата на човекот и граѓанинот, што значи императив за демократија.
Токму индивидуалната независнот ги штити судиите од арбитреризмот, ги штити судиите од дисциплинските притисоци, ги штити судиите од политичкото влијание и политичката контрола, а институционалната пак, ги штити од заканите од извршната власт. За жал, денеска во реал политиката којашто дури и се трансформира во своевиден дарвинизам, честопати се соочуваме со политика на сила наместо со политика на право и затоа е потребна одбрана. Значи, секој граѓанин има право спорот во којшто е, да очекува да биде решен како од независен судија, така и од независен суд“, кажа претседателката..
За неа, во ера на сериозно пореметена рамнотежа на трите власти, во корист на егзекутивата и релативизирани спреги и кочници, има насушна потреба од компетентни, кредибилни и храбри судии, одважни во креирањето рационалност, конзистентност и кохерентност во интерпретацијата и примената на законите во судските постапки.
Сиљановска-Давкова укажа на важноста на градењето судски имунитет на политички притисоци.
Таа посочи дека не секогаш политички легитимните реформатори посегаат по реформи заради надминување на неоправдано долгите судски процеси, корупцијата и недовербата во судството, туку вистинската намера им е регрутирањето на политизирани и дисциплинирани судии.
Претседателката потсети дека одлуките на Врховните судови имаат силен одраз врз работата на пониските судови, како и врз перцепцијата на граѓаните за квалитетот и интегритетот на судството.
Функцијата судија на Врховен суд секаде и секогаш се смета за круна на правничката кариера, но таа не е статусен симбол, туку потврда за знаење, професионалност, етика, морал и одговорност, смета претседателката.
Сиљановска-Давкова ја афирмираше важната улога на добрата судска практика на националните врховни судови, како и на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, укажувајќи на неодржливоста на неспроведувањето на неговите пресуди од страна на членки на Советот на Европа и членки на ЕУ.
На отворањето на дводневната конференција се обратија и Африм Фидани, претседател на македонскиот Врховен суд, Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет, Дејвид Кемпбел, виш окружен судија, претседател на Комитетот за меѓународни судски односи во САД и член на Советодавниот одбор на CEELI Институтот, Роберт Р. Странг, извршен директор на Институтот CEELI, како и Гжегож Борковски од Проектот на ЕУ за поддршка на владеењето на правото.
Текстот Во реал политиката се соочуваме со политика на сила и потребна е одбрана, порача Сиљановска-Давкова на конференцијата на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа е превземен од МАКФАКС.





