„Вреди“: 29 проценти Албанци на хартија, само 13 проценти на работното место

„Вреди“: 29 проценти Албанци на хартија, само 13 проценти на работното место

пред 3 часа

Газменд Алиу од „Вреди“ денеска на прес-конференција зборуваше за како што рече, сериозен проблем кој со години беше сокриван зад статистики и официјални извештаи, а во пракса директно му наштетувал на правото на Албанците за правична и соодветна застапеност во државните институции.

Алиу посочи дека со години на граѓаните им се тврдело дека механизмот наречен Балансер обезбедува правична етничка застапеност во администрацијата. Меѓутоа, според него, фактите што денес излегуваат на површина покажуваат дека овој механизам не само што не го решил проблемот, туку во многу случаи бил злоупотребуван и тоа како што кажа, токму на штета на Албанците.

„Во институцијата со која раководам, според официјалната евиденција, Албанците се застапени со 29 проценти. Но, по извршените проверки, се покажа дека само 13 проценти од вработените се Албанци. Разликата од 16 проценти ја сочинуваат лица кои во постапките за вработување се изјасниле како Албанци, додека во реалноста припаѓаат на други етнички заедници.
Ова не е правична застапеност. Ова е злоупотреба на механизам кој требало да обезбеди правична застапеност, а особено застапеност на Албанците“.

Овој случај, додава Алиу, јасно покажува дека Балансерот создал лажна слика за реалната состојба во државните институции. Како последица на тоа, реалната застапеност на Албанците била пониска од онаа што била прикажувана во официјалните евиденции и статистики. Она што во документите било прикажувано како застапеност на Албанците, во многу случаи се покажало како резултат на лажно етничко изјаснување и злоупотреба на системот, кажа Алиу.

„Затоа нема да прифатиме денес да се леат крокодилски солзи за механизам кој бил злоупотребуван токму на штета на Албанците.

Оние кои со години управуваа со овој систем, а денес се претставуваат како заштитници на правата на Албанците, треба да понесат одговорност за тоа како било дозволено етничката застапеност да се манипулира и да се создава фиктивна реалност на хартија, додека фактичката состојба во институциите била сосема поинаква“.

Токму затоа „Вреди“ потенцира тој, инсистира на донесување на Законот за соодветна и правична застапеност.

„Само законско решение, со јасни механизми за контрола и одговорност, може да гарантира дека застапеноста ќе биде реална, а не фиктивна; правична, а не предмет на манипулации.

Времето на лажните статистики заврши. На Албанците не им се потребни надувани проценти на хартија, туку реална застапеност во институциите, на одлучувачки позиции и на сите нивоа на државната администрација.
„Вреди“ останува посветен на изградба на систем во кој застапеноста нема да зависи од лажни изјаснувања и административни манипулации, туку од јасни законски правила кои гарантираат еднаквост, правда и достоинство за сите“.

Текстот „Вреди“: 29 проценти Албанци на хартија, само 13 проценти на работното место е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top