За првпат по многу години, државата го става интересот на граѓаните пред интересот на коцкарската индустрија. Владата презема конкретни чекори за воспоставување ред, одговорност и вистинска заштита за семејствата, младите и иднината на нашето општество, велат од „Вреди“.
Според нив, новиот закон за игрите на среќа не е само мерка против казината. Овој е закон, како што додаваат, во заштита на албанското семејство и на секој граѓанин кој со години гледал како коцкањето уништува семејни економии, ги загрозува младите и се шири во близина на училиштата и нашите населби.
„Преку овој закон се гради систем во кој се заштитуваат: семејствата од осиромашување и долгови,
младите од зависност и социјална деградација, семејната економија од финансиско уништување, училиштата и образовните простори од влијанието на индустријата на коцкањето, како и моралниот и општествениот ред кој со години бил нарушуван од неконтролираното ширење на игрите на среќа.
Минималната дистанца од 500 метри од училиштата, забраната за агресивно рекламирање на игрите на среќа и новите законски ограничувања се конкретни мерки што покажуваат дека државата конечно дејствува во интерес на граѓаните, а не на тесни финансиски интереси“.
За „Вреди“, заштитата на семејството и младите не е политички слоган, туку морална и институционална обврска.
Општеството, оценуваат од оваа партија, не може да се гради врз зависности, долгови и губење надеж.
„Општеството се гради врз силни семејства, заштитени млади и институции што имаат храброст да го стават јавниот интерес над интересите на индустриите што ги штетат граѓаните“.
Текстот „Вреди“: Граѓанскиот интерес над профитот на коцкарската индустрија е превземен од МАКФАКС.






