Жените треба да продолжат да го креваат својот глас, а мажите да бидат едуцирани дека не се супериорни, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на собраниската седница посветена на 8 Март, Денот на жената.
Во својот говор тој зборуваше за фактот дека нашето општество се развива со оглед на тоа што имаме претседателка.
„За да видиме каде сме, неопходно е да започнам со еден елемент што можеби изгледа симболично, но во суштина е доказ дека нашето општество се развива. Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, додека зборуваше за револуциите, еднаш рече: „Каква револуција би било да имаме жена претседател.“ Република Северна Македонија има жена претседател. Ова е порака до секое девојче и жена во оваа земја дека врвот на државата не е недостижен за нив. За нас, оваа „револуција“ сега е институционална реалност. Но, реалноста носи и одговорност. Ова бара од нас да го трансформираме присуството на жените на високи позиции во одржливо влијание и култура на правда на секое ниво на донесување одлуки“, рече Гаши.
Сепак, додаде тој, за жал, додека зборуваме за „револуцијата“ на жена претседател и за институционалниот напредок, една друга реалност продолжува да нè предизвикува.
„Семејното насилство, економските нееднаквости, дискриминацијата на пазарот на трудот и културните предрасуди сè уште се реалност. Тоа се општествени рани што не се лекуваат само со закон или со застапеност. Ова бара многу понапредно ангажирање“, рече Гаши.
Според него, овој проблем мора да се третира и да се решава во семејството, во училиштето, но и во јазикот што го користиме, во начинот на кој ги воспитуваме нашите деца. Вели дека ова бара подлабоко образование, поголема свест и, пред сè, колективна одговорност.
„Жените треба да продолжат да го креваат својот глас, девојките да ги следат своите аспирации без страв, да ги бараат своите права без двоумење и да не ја прифаќаат покорноста како судбина. Но, подеднакво е важно мажите да бидат едуцирани дека не се супериорни, дека силата не се мери со доминација и дека машкоста не се зголемува со понижување, презирање и потчинување на жените. Државата мора да гарантира целосно спроведување на законите и заштита за секоја жена. Медиумите мора да промовираат достоинствени модели на жените и да избегнуваат стереотипи што го оштетуваат имиџот на жените. Слично на тоа, политичките партии мора да сторат повеќе отколку само почитување на квотите; тие мора да создадат вистински простор за жените во процесот на донесување одлуки, да ги поддржат во политичката конкуренција и да изградат внатрешни структури што гарантираат значителна застапеност“, рече Гаши.
Во овој контекст, додаде тој, мажите имаат важна улога во поддршката на оваа кауза, исто колку и жените.
„Кога една жена се образува, работи и води, никој не губи, а придобива семејството, државата и општеството. Мажите треба да бидат пример за почит, глас на правдата и активни сојузници. Често велиме дека жената е столбот на семејството, но забораваме да кажеме дека таа е неисцрпна сила на човештвото, извор на самото наше постоење. Затоа, во овој дух, ќе го завршам мојот говор со еден повик и порака: Да станеме на нозе за жените – изворот на животот, силата на семејството и благородноста на општеството. Не само како гест на учтивост, туку како чин на свест. И, не го сфаќајте тоа за слабост, бидејќи општеството кое се залага за своите жени е општество кое се издига до висина на своите вредности. Почитувани дами, колешки пратенички, министерки, амбасадорки, дипломатки, мајки, сестри и ќерки на оваа држава, ви благодарам за сè што претставувате и за сè што градите секој ден. Продолжете да бидете силата, разумот и големата вредност на нашето општество“, рече Гаши.
Текстот Гаши: Жените треба да продолжат да го креваат својот глас, а мажите да бидат едуцирани дека не се супериорни е превземен од МАКФАКС.






