Го контактирав Радев, и со порака и усно, изразивме спремност за разговори, вели претседателката Сиљановска-Давкова

Го контактирав Радев, и со порака и усно, изразивме спремност за разговори, вели претседателката Сиљановска-Давкова

пред 2 часа

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, направила контакт со Румен Радев веднаш по победата на неговата партија „Прогресивна Бугарија“ на последните парламентарни избори. Таа очекува Радев да биде успешен премиер и легитимен претставник на граѓаните во преговорите за спорните прашања меѓу двете земји.

„Добро го познавам како претседател, убедена сум дека ќе биде успешен премиер како што беше претседател. Се разбира дека го контактирав веднаш – и со порака и усно разговаравме, изразивме спремност за разговори. Мислам дека само тој може автентично да одговори што можеме да направиме понатаму. Но со самото тоа што веќе имаме стабилна влада, зад која стои огромно мнозинство граѓани, се покажува дека навистина има шанса да разговараме со некој што е легитимен претставник на граѓаните. Инаку, со нестабилните влади многу потешко беше да се зборува,“ изјави денес претседателката Сиљановска-Давкова по вежбата „Блесок“ на Криволак.

Радев освои 44,6% од гласовите на последните парламентарни избори во Бугарија и, според објавите на бугарските медиуми, доби политичка моќ да ја формира најцврстата влада во последната деценија. Тој беше претседател на Бугарија од 2017 година до јануари годинава, кога поднесе оставка од функцијата. Многу политичари изминативе години го нарекоа „архитект на ветото“ за влез на Северна Македонија во ЕУ, бидејќи за успех на неговата партија се смета зацврстувањето на бугарската позиција во преговорите и наметнувањето на уставните измени кај нас како неопходен услов за напредок.

Текстот Го контактирав Радев, и со порака и усно, изразивме спремност за разговори, вели претседателката Сиљановска-Давкова е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top