Во текот на денешниот ден ќе биде донесена одлука дали на подрачјето на Гостивар ќе биде прогласена епидемија на заразна болест, изјави раководителот на Одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје, Драган Кочински.
Тој посочи дека Институтот е во постојана комуникација со Центарот за јавно здравје и дека сите мерки за контрола и превенција веќе се спроведуваат.
„Во комуникација сме со Центарот за јавно здравје и во текот на денешниот ден ќе биде донесена одлука за пријавување на епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција се цело време активни, но со пријавување на епидемија би се добила подобра координација на сите чинители и институции“, рече Кочински.
Тој упати апел до граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби.
„Апелираме до населението да соработува со луѓето кои се јавуваат за епидемиолошки анкети и да ги следат препораките во однос на давањето примероци за микробиолошко испитување. Дел од населението одбива комуникација“, изјави Кочински.
Потсети дека сè уште е во сила времената забрана за користење на водата од градскиот водовод и дека Институтот за јавно здравје веќе објави препораки за граѓаните.
Кочински додаде дека за прогласување епидемија е потребно да има пријави за заразна болест доставени од епидемиолошката служба, а во моментов се евидентирани 140 пријави.
„Колешката од Гостивар ја следеше ситуацијата и кога ќе се исполнат условите за прогласување епидемија, соодветно ќе се реагира“, рече тој.
Според Кочински, резултатите од анализите на примероците од водата се очекува утре да бидат доставени до Основното јавно обвинителство.
Претходно денес, Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.
Според податоците, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле реализирани 140 прегледи, од кои 105 нови и 35 контролни, а во Ургентниот центар се евидентирани уште девет прегледи.
Од Министерството наведуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок. Сепак, поради наглото зголемување на бројот на заболени, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат епидемиолошки, лабораториски и превентивни мерки. Министерството потсетува дека, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Тетово е надлежен да донесе одлука за евентуално прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар, а таквата одлука се очекува во текот на денот.
Текстот Денес ќе се одлучува дали ќе биде прогласена епидемија во Гостивар, се апелира граѓаните да соработуваат со епидемиолозите е превземен од МАКФАКС.






