АД МЕПСО Скопје остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем, утврди ревизијата на Државниот завод за ревизија за 2024 година.
Ревизорите утврдиле дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Во извештајот се наведува дека дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција.
„Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за недвижности, далекуводи катастар додека друштвото за на 59 не располага со имотни листови. За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост. Сѐ уште, постојат нерешени имотно-правни прашања во врска со 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД , при што за истите запишано е право на сосопственост само на ЕВН Македонија АД или се во постапка на запишување на права на сопственост/постапка на преземање“, пишува во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците.
„Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност. Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје“, се вели во извештајот.
Ревизорите во извештајот обелоденуваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа, при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9% до 62% .
„Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори, при што најголемото зголемување од 51% (1.481.657 евра) е кај проектот “Ревитализација на 110kV ДВ ТС Скопје 4-ТС Велес” чиј износ по зголемувањето изнесува вкупно 4.393.609 евра, додека најголемото пролонгирањето од пет години и осум месеци е кај проектот “Реконструкција на 110kV Далекувод ТС Битола 1-ТС Прилеп”“, пишува во извшетајот.
Истовремено за проектот „Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково”, иако во јуни 2024 година бил одобрен е заем од ЕБРД во износ од 26.400.000 евра, сè уште не се започнати активности за изградба, поради што за одобрување на заемот и провизија за неповлечени средства платени се 155.672 евра (22.205 евра во 2024 година).
„Овие состојби негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти“, велат ревизорите.
АД МЕПСО Скопје, се додава во извшетајот, користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати.
„Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година) . Заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8.996.052 евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми. Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем“, пишува во извештајот.
Со извршената ревизија утврдено е дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија бележат раст, главно поради повисоките тарифи за пренос, иако количината на пренесена енергија има благ пад.
„Истовремено, приходите од прекуграничните преносни капацитети значително се зголемуваат, дебалансите во преносната мрежа покажуваат тренд на стабилизирање, а загубите во мрежата се намалуваат, иако трошоците за нивно покривање остануваат под влијание на цените на електричната енергија“, пишува во извшетајот.
Во 2024 година АД МЕПСО Скопје беше цел на сајбер напад кој предизвика привремена недостапност на дел од ИТ системите и податоците, без притоа да биде нарушен преносот на електрична енергија.
„Настанот укажа на потребата од дополнително зајакнување на сајбер безбедноста преку технички и организациски мерки“, стои во ревизијата.
Во извештајот ревизорите ја потенцираат потребата од санирање на оштетената фасада во 2020 и 2021 година, за чија реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 547.058 илјади денари, односно приближно 8.866.400 евра.
„Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото“, пишува во извештајот.
Текстот ДЗР во МЕПСО: Не е можно да се утврди бројот на далекуводите, а тоа влијае на висината на тарифата за пренос на струјата е превземен од МАКФАКС.






