На вчерашната онлајн седница на Извршниот одбор на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во проширен состав, се дискутираше за актуелната политичка состојба, во контекст на блокирањето од страна на бугарската влада за започнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
„Раководството едногласно го потврди ставот на ДОМ за европска иднина на нашата држава, за што има континуирана подршка од европските зелени партии“, стои во партиското соопштение.
Како што велат од ДОМ, европската зелена партија и нејзините партии членки од Бугарија и Северна Македонија силно го поддржуваат започнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија и прифаќањето на рамката за преговори со ЕУ, без одлагање.
Ставот на ДОМ е дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат да бидат предмет на преговори, за што велат дека е во согласност со меѓународните и европските стандарди.
„Историските прашања треба да се дискутираат и разрешуваат од страна на експертите од областа на историската наука во мешовитата историска комисија, како што и предвидува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, велат од ДОМ и предлагаат во интерес на зголемување на довербата и подобрување на процесот, во мешовитата историска комисија да се вклучат и европски експерти кои имаат искуство во комисии од ваков карактер.
„Антифашизмот е камен-темелник на македонската држава. Тој е и една од основните цивилизациски и европски вредности. Извинувањето за страдањата од фашизмот, по примерот на европските лидери, е патот кон помирување, пријателство и прогрес. Да се прости, но да не се заборави, за никогаш да не се повтори“, порачуваат од зелената партија.