Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски

Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски

пред 3 часа

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.

„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.

Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.

„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.

Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.

„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.

Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.

Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.

„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

Текстот Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top