Дон Џон за спотот во „Македониум“: Немавме намера да провоцираме, само сценарио, локација и уметнички проект

Дон Џон за спотот во „Македониум“: Немавме намера да провоцираме, само сценарио, локација и уметнички проект

пред 57 минути

Косовскиот рапер Дон Џон се огласи по реакциите во јавноста откако дел од видеоспотот за неговата нова песна „Секси мама“ беше снимен во споменикот „Македониум“ во Крушево.

„Ниту јас, ниту мојот тим немавме намера да провоцираме, навредиме или да ја намалиме вредноста на кое било место или симбол“, напиша раперот, пренесоа албанските медиуми.

Според него, локацијата била избрана од продукцијата како дел од сценариото на видеоспотот.

„Никаква тенденција, никаква провокација. Само сценарио, локација и уметнички проект. Немам потреба да создавам провокации за да добијам внимание“, порача Дон Џон.

Полемиките главно се однесуваа на одлуката на раководството на НУ Историски музеј – Крушево да го отстапи „Македониум“ за снимање на спотот без да обрати внимание на содржината, а не на самиот изведувач. Директорот Миха Оџаклиески потврди дека Управниот одбор донел одлука просторот да биде отстапен за 500 евра за неколку часа.

„Македониум“, односно споменикот „Илинден“, има големо историско и меморијално значење. Во комплексот се претставени Илинденското востание, Крушевската Република, НОБ и АСНОМ, а во куполата се наоѓа вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев.

Претходно денеска реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ваков тип институции не треба да се изнајмуваат и користат за вакви намени и најави дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор. Тој им се извини и на граѓаните за направениот пропуст.

Оџаклиески во меѓувреме поднесе неотповиклива оставка. Во образложението наведе дека не бил прекршен закон, правилник или одлука, но признал пропуст во проценката и ја презел моралната одговорност.

Текстот Дон Џон за спотот во „Македониум“: Немавме намера да провоцираме, само сценарио, локација и уметнички проект е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top