Состојбата со снабдувањето и цените на нафтените деривати уште еднаш го покажа целосниот неуспех на владата да управува и да ги ублажи последиците од една криза која беше најавувана со недели, реагираат од ДУИ.
Ова, како што рече Албана Мустафа не е изолиран случај.
„Ова е дел од низа неуспеси во начинот на кој оваа влада се справува со секоја кризна ситуација: многу пропаганда, многу прес-конференции за обвинување на други, а речиси никакви конкретни мерки за заштита на граѓаните.
Од полноќ синоќа, цената на дериватите е зголемена за 15 денари по литар, што претставува нов удар врз семејните буџети и врз бизнисите, особено во услови кога животниот стандард на граѓаните веќе е под силен притисок.
Развојот на настаните на меѓународните пазари и геополитичките тензии што влијаат врз цените на енергенсите не дојдоа ненадејно. Овие случувања беа најавувани со недели. Владата имаше доволно време да планира и да преземе превентивни мерки. Сепак, денес граѓаните се соочуваат со недостиг, неизвесност и раст на цените, додека институциите кои треба да реагираат остануваат пасивни.“
Граѓаните на оваа држава, додаваат од ДУИ, не можат да бидат оставени на милост и немилост на случувањата што се одвиваат илјадници километри од нашата земја.
Подвлекуваат дека, обврска на владата е да ги предвиди ризиците и да го заштити животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата.
Демократска унија за интеграција предлага итно да се преземат мерки преку Собранието и надлежните институции.
„Упатуваме повик до Регулаторната комисија за енергетика уште од денес да преземе мерки и да ја преиспита вчерашната одлука.
Имајќи ги предвид изјавите на надлежните институции дека државата располага со резерви на нафта за околу 62 дена, овие резерви треба веднаш да се пуштат во промет со максимална цена од 71 денар по литар. Треба да се нагласи дека овие количини се набавени по уште пониски цени.
Владата треба веднаш да ја разгледа можноста за намалување на фискалните давачки за нафтените деривати, вклучително и акцизите и другите давачки, со цел стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните.
Истовремено, инспекциските служби треба веднаш да утврдат колкави количини нафта имале бензинските пумпи пред понеделник во 00:00 часот и за тие количини да се воведе замрзнување на цените, бидејќи се увезени по пониски цени.
За операторите кои за време на викендот и во понеделник не точеле гориво на граѓаните, треба да следуваат соодветни мерки и санкции согласно законот.
Како држава не можеме да дозволиме некои да профитираат на грбот на граѓаните и на нашите производители. Во ваква ситуација е потребна итна реакција и сериозно управување со кризата“.
Демократската унија за интеграција, додаваат од оваа партија, останува подготвена да ја поддржи секоја одлука што има за цел стабилизирање на пазарот и заштита на интересите на граѓаните и економијата на државата.
Текстот ДУИ: Состојбата со снабдувањето и цените на нафтените деривати уште еднаш го покажа целосниот неуспех на владата е превземен од МАКФАКС.






