Партијата „Единствена Македонија“ е разочарана од конгресниот говор на Венко Филипче. Од партијата велат дека со внимание го проследиле говорот и изразуваат жалење што на овој значаен партиски настан Филипче не упатил повик, ниту пак посветил внимание на потребата од донесување заеднички национален документ на сите македонски партии, кој би ги дефинирал виталните национални интереси и во кои никој нема да чепка без оглед кој победува на избори.
Во говорот, според нив, Филипче се осврнал на повеќе теми – животниот стандард, здравството, образованието, младите, платите, квалитетот на институциите и социјалната правда. Партијата оценува дека сето тоа е добро, ваквите теми за подобар живот на граѓаните се важни.
Сепак, во услови, како што наведуваат, државата и нацијата се соочуваат со силни предизвици и негаторски политики однадвор, сметаат дека приоритет треба да биде нивната заштита а сето останато за кое зборува Филипче е лесно да се направи. Патем, економската наука ги изнајде механизмите како се прави држава со убав стандард, треба само чесни политичари со силна национална и патриотска определба.
Тие додаваат дека за жал, на Конгресот, Филипче прави голема грешка кога заборави на простата вистина: ако се урне државата сите ќе не затрупа во неа и на кого, тогаш, ќе биде убавиот стандард за кој зборува Филипче?
Текстот „Единствена Македонија“ со порака до Филипче: Не упати повик, ниту посвети внимание на потребата од национален документ е превземен од МАКФАКС.





