Христијан Мицкоски во периодот од 2019 до 2024 година, како лидер на тогашна опозициона партија, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата за национална безбедност, вели поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, по вчерашните изјави на премиерот и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност кои изнесоа сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на Мицкоски, бизнисмени и новинари.
„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, вели Димовски.
Тој вели дека точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имало постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што била поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
„Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна“, вели Димовски.
Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ, додава тој, го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања. Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“,вели Димовски.
Текстот Ексдиректорот на АНБ тврди: Мицкоски не бил прислушкуван е превземен од МАКФАКС.