Температурите се и натаму високи и можна е појава на пожари и на други места, ако ветрот не се намали, порача премиерот Зоран Заев при денешната посета на беровско-пехчевскиот крај.
„Внимателно ја следиме ситуацијата во сите кризни подрачја и повторно апелираме за крајна внимателност од секој граѓанин. Иако изгаснат, огнот сепак знае да тлее и натаму, а смолата од боровите шуми да предизвика повторно палење и загрозување на безбедноста на граѓаните“, нагласи премиерот.
Тој истакна дека Владата на дневна основа ги регулира сите детали околу навремено и рационално распоредување на силите.
„Се регулираат одлуките за прелетите кон АД М-НАВ за бесплатно користење на нашето небо од странските воздухоплови, а донесена е и одлука за обезбедување керозин, потребни нафтени деривати и други алати за теренски маневар за ЦУК“, изјави Заев кој изрази надеж дека со помош на граѓаните и со помош од странските земји ќе бидат ставени под контрола сите пожари во државата.